„Јас и мојот другар со попреченост“. Во пресрет Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември, денес го одбележавме со многу дружење и забава. Изминатите две години, преку серија проекти покажавме што значи вистинска грижа и обезбедување на еднакви можности за сите, истакна денес градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
-Отворивме клуб за социјализација на децата со церебрална парализа во Расадник, чие финансирање е комплетно покриено од мене и мојот кабинет. Овозможивме и функционирање на Дневен центар за окупациона терапија за лица со попреченост над 18 години каде дониравме инвалидски колички. Кисела Вода е првата и единствената општина каде лицата со попреченост заедно со старите лица добиваат бесплатен посебен транспорт за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга. Ова го реализираме заедно со Црвениот Крст. Неодамна, заедно со лицата со церебрална парализа одржавме марш за видливост низ улиците на општината им доделивме ваучери за физиотерапевтски масажи, вежби и диететски план од општествено одговорната компанија, истакна тој.
Беше отворен и Нега Центар за обезбедување на помош во домашни услови за повозрасните и лицата со попреченост.
-Во Усје ја отворивме првата целосно инклузивна јавна детска градинка во Скопје. Го реконструиравме ООУ ,,Кузман Јосифовски – Питу” и сега тоа е целосно инклузивно – со лифтови за деца со посебни потреби, тактилни патеки, пристапни рампи, специјални тоалети. Израдивме сензорни соби во сите наши основни училишта. Кисела Вода е и првата општина која вработи лице со Даунов синдром и јас и како градоначалник, но и како претседател на ЗЕЛС, упатив апел овој чекор да го следат и сите останати општини, но и институции од централната власт, посочи градоначалникот.
Воедно, лицата со попреченост се вклучени во сите манифестации и свечености организирани од локалната самоуправа.
-Летово одржавме и фестивал на инклузија, а сите овие мерки, се дел од нашите заложби Кисела Вода да биде целосно инклузивна општина, во која сите наши граѓани ќе имаат еднакви услови да го остварат својот потенцијал. Се надевам дека оваа благородна цел ќе ја препознаат и другите претставници на локалната и централната власт бидејќи сите заслужуваат еднакви услови. За моите драги другарчиња, со љубов, порача Ѓорѓиевски.