Скопје Интервју со Бобан Стефковски

Изминатите 3 години, Гази Баба бележи историски развој

Изминатите 3 години, Гази Баба бележи историски развој

На денешен ден пред 3 години официјално ја превземавте функцијата, градоначалник на општина Гази Баба. Дали ги исполнивте очекувањата на граѓаните?

Точно на денешен ден, 25 Октомври во 2021 година официјално ја превземав должноста градоначалник на општина Гази Баба. Три години се одличен период за да се направи една ретроспектива и да се извечат заклучоци за тоа во каква состојба ја превземав општината, но и за тоа каква е состојбата денес. Кога дојдов за градоначалник затекнав комплетно затворена општина во која за иднината на граѓаните одлучуваа неколкумина локални моќници во придружба на урбаната мафија, општина во која имаше активна постапка за отворање на хемиски отпад во пределот на Железара, населени места без фекална канализација, без вода за пиење, секоја втора улица во кал, училишта без училишни спортски сали, листи за чекање за упис во градинка, стотици комплетни предмети за легализација кои не се работеле, руинирани спортски терени и уште стотици отворени проблеми. Сите овие проблеми, самите по себе носат и големи очекувања од граѓаните кои излегоа на избори и ми дадоа силна поддршка која за мене претставува голема одговорност да се реализира ветеното и да се надминат проблемите. Денес имаме сосема поинаква состојба која е јасен показател за тоа дека во изминатите три години Гази Баба бележи историски развој.

Наведовте многу проблеми кои отвараат многу прашања. Може ли конкретно да кажете каква е состојбата денес, односно што успеавте да реализирате?

Она што е најважно да се каже е дека работевме одговорно, чесно и посветено, а кога работиш од срце тогаш резултатите самите по себе доаѓаат. Изминатите 3 години, реализирани или започнати со реализација се 530 нови проекти во сите области од општественото живеење. Преку транспарентно и отчетно работење, создадовме отворена општина во која граѓаните одлучуваат и ова не е гола реторика туку истото се докажува со извештаите за отвореност и транспарентност на општините изготвени од невладиниот сектор и меѓународните организации. Го решивме проблемот со водоснабдувањето во трите населени места и денес во Гази Баба нема населено место кое нема питка вода за пиење. Комплетно изградивме фекална канализација во Смилковци, Црешево и Страчинци, а во Јурумлери, Гоце Делчев и Чукур маало работиме на поставување фекална канализација преку фази и верувам дека следната година ќе ги реализираме и последните фази. Асафалтиравме повеќе од 150 локални улици, изградивме училишна спортска сала во ООУ Кирил и Методиј во Стајковци, а за неколку денови од денес ќе ја пуштиме во употреба и новата сала за ООУ Наум Охридски во Булачани. Од минатата година сите 6800 ученици добиваат бесплатни училишни униформи, а за секое прваче и новороденче доделуваме финансиска поддршка. Изградивме повеќе од 25 спортски терени на тартан подлога, 4 спортски терени на вештачка трева, 5 фитнес зони. Доделивме историски највисока финансиска поддршка за сите спортски клубови и индивидуални спортисти. И многу други проекти кои описно ќе бидат образложени во отчетот за работата во изминатите три години.

Не кажавте што се случи со хемискиот отпад, а не споменавте ниту еден проект од областа на животната средина?

Веднаш по моето доаѓање во општината спроведов ревизија на постапката за отворање на нов хемиски отпад во Железара која морам да кажам беше во доста напредна фаза и за истата донесов решение со кое ги поништив сите претходно донесени акти и тогаш излегов пред граѓаните и кажав се додека јас сум градоначалник на општина Гази Баба нема да дозволам на ниту еден метар квадратен да се отвори нова загадувачка индустрија, бидејќи моите две деца се родени во општина Гази Баба и сакам да останат да живеат тука. Што се однесува до животната средина како област таа е на врвот на приоритетите на мојот мандат и тука реализиравме многу проекти. Изградивме повеќе зелени паркови, засадивме 15.000 нови садници, изготвивме катастар на зеленило, катастар на загадувачи, воведовме субвенции за граѓаните за набавка на тротинети, велосипеди, инвертер клима уреди, печки на пелети, сончеви колектори, чистење на оџаци и субвенции за вградување на уреди за течен нафтен гас во возилата. Добивме награда за вело општина, изградивме паркинзи за велосипеди и многу други проекти.

Велите сте затекнале долги листи на чекање за упис во градинка. Што превземавте за надминување на овој проблем?

Постои само едно решение за надминување на овој проблем, а тоа е инвестиции во нови просторни капацитети, односно изградба на нови детски градинки. Тука сакам посебно да истакнам дека во мандатот на мојот претходник не се работело ништо за да се надмине овој проблем. Во општината не постоеше ниту еден проект, ниту една урбанистичко – планска документација со која ние како ново раководство ќе можеме да започнеме со изградба на нова детска градинка. Каква е состојбата денес? Започнавме со изградба на нова детска градинка во Трубарево, а до крајот на годината ќе започнеме со изградба на нова детска градинка и во Инџиково. Дополнително имаме комплетно подготвена документација за изградба на детска градинка помеѓу Маџари и Керамидница, а посветено се работи и на документацијата за изградба на градинка во Сингелиќ.

До каде сте со исполнувањето на ветувањата од изборната програма? Кој е процентот на нејзината реализација?

Изборната програма со моето доаѓање во општината ја преточив во програма за работа на општината. Нејзината реализација е повеќе од 80% и очекувам во првиот квартал од следната година, сите ветени проекти во програмата кои се во надлежност на општина Гази Баба ќе бидат реализирани, а преку реализација на ветеното успеавме да ја вратиме надежта кај граѓаните дека е завршено времето на лажни ветувања.

Дали подготвувате отчет за граѓаните?

Да, пред повеќе од еден месец формирав работна група која посветено работи на подготовка на отчетот за нашата работа во изминатите три години. Имајќи го во предвид големиот број на реализирани проекти оваа година подготвуваме промоција на отчетот на еден поразличен начин од претходно за што дополнително ќе ја информираме јавноста.

Во тек е процес на промени на Законот за локална самоуправа и се погласни се најавите за воведување на законска можност за отповикување на градоначалник пред завршување на мандатот. Кој е Вашиот став по однос на ова прашање?

Согласно Уставот на Република Македонија, суверенитетот произлегува и им припаѓа на граѓаните кои на непосредни локални избори го даваат мандатот на градоначалникот да ја води општината или градот на основа на изборна програма, дадени ветувања и утврдени политики. Доколку во текот на мандатот се докаже дека личноста која е избрана за градоначалник не го реализира ветеното, води политика која нема поддршка од мнозинството граѓани или пак поради нејзиното неработење општината или градот имаат штета, апсолутно давам поддршка за воведување на законска можност за отповикување на градоначалник пред завршување на неговиот мандат, но истовремено таа можност треба да зависи единствено од волјата на мнозинството граѓани искажана преку референдум бидејќи граѓаните го даваат мандатот и единствено тие треба да ја имаат можноста истиот да го одземат.

Владата донесе одлука по однос на јавниот повик за финансиска поддршка за реализација на инфраструктурни проекти во општините. Кои се проектите за кои општина Гази Баба доби средства од Владата?

Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски преку реализацијата на овој проект покажа голема одговорност кон граѓаните на Република Македонија, а истовремено преку еднаквиот однос кон сите општини без разлика на политичката припадност на раководството на општината се покажа висока демократска свест која е за поздравување и е спротивна на онаа од минатата Влада која ги делеше општините на подобни и неподобни за добивање на финансии за проекти од државата. Општина Гази Баба подготвена го дочека јавниот повик и на истиот аплициравме со неколку проекти кои се од голема важност за граѓаните. Со поддршка од Владата, комплетно ќе го реконструираме културниот дом во Ченто, ќе изградиме нова детска градинка во населеното место Инџиково, нова спортска сала за учениците од Црешево и ќе изградиме една улица помеѓу Маџари и Керамидница која е предуслов за изградба на нова детска градинка на тој простор. Ја користам оваа прилика, јавно да се заблагодарам на претседателот на Владата Христијан Мицкоски за дадената поддршка која на долг рок ќе реши стотици проблеми кои ги имаат граѓаните насекаде низ Република Македонија.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ја обвини Владата дека води секташка политика и дека ги казнува скопјани со тоа што не се доделени финансиски средства за Градот Скопје од овој повик. Ваш коментар?

Наративот со кој Арсовска настапува во јавноста нема да го коментирам, бидејќи тој говори за личноста која зборува, а не за оној за кого се наменети тие зборови. Што се однесува до другиот дел од прашањето, апсолутно не се согласувам и сметам дека ние скопјани сме казнети бидејќи ќе мораме уште цела една да гледаме како градот тоне благодарение на неспособноста на менаџментот предводен од Данела Арсовска. Конкретно за јавниот повик и одлуката, моите информации се дека Арсовска до Владата поднела проекти со кои бара средства за набавка на автобуси за ЈСП и возила за противпожарникарната бригада. И автобусите и возилата за пожарната се реална потреба за градот, но тие претставуваат основни технички средства за функционирање, а јавниот повик на Владата се однесуваше за инфраструктурни проекти. Дополнително повеќе од две години на наменска сметка на Градот Скопје стојат 650 милиони денари пари дадени од Владата за реализација на булеварот Хасан Приштина, а од тој проект нема ништо што претставува уште еден доказ дека проблемот во градот не е до финансиските средства, туку до капацитетот на менаџментот. За скопјани Владата одобри финансирање на проекти и тие ќе се реализираат насекаде во Гази Баба, Центар, Чаир, Аеродром, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Бутел, Карпош и Шуто Оризари.

Најнови вести од Скопје

To top