Скопје Дом на култура „Билјана Беличанец“

Градоначалникот Ѓорѓиевски на концерт на пензионерите: Заедно ја славиме традицијата и пријателството

-Нашите пензионери се столбот на општеството – со нивната мудрост, искуство и позитивна енергија се пример за сите генерации, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски на концерт на пензионерите: Заедно ја славиме традицијата и пријателството

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес, во Домот на култура „Билјана Беличанец“ присуствуваше на концерт посветен на фолклорот и музиката, во организација на Здружението на пензионери – Кисела Вода. Настанот претставуваше вистинско музичко и културно продолжение на манифестацијата “Коријада”, што се одржа вчера, а уште еднаш покажа колку е важен активниот социјален живот на повозрасните граѓани.

На сцената настапија играорни групи од пензионерските здруженија од неколку општини: Кисела Вода, Ѓорче Петров, Илинден и Пробиштип, чија изведба, збогатена со традиционални носии и фолклорен израз, беше топло поздравена од публиката.

Особено внимание привлече гостувањето на претставниците од Здружението на пензионери од Прокупље, Србија, чиј претседател изведе и македонска песна, како симбол на почит и пријателство меѓу народите.Настанот беше збогатен и со настапите на познатите музички имиња Миле Кузмановски, Спасен Силјаноски и Јасмина Гуњова.

-Вчера заедно го славевме вкусот на традицијата преку “Коријадата”, а денес музички го продолжуваме ова дружење. Пресреќен сум кога гледам како пензионерите од различни општини и дури и од други држави, како нашите пријатели од Прокупље, се обединети преку песна, игра и искрено пријателство. Социјалниот живот на пензионерите мора да биде исполнет со вакви моменти на радост и блискост, и како локална самоуправа ќе продолжиме да го поддржуваме секое вакво здружување. Нашите пензионери се столбот на општеството – со нивната мудрост, искуство и позитивна енергија се пример за сите генерации, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Најнови вести од Скопје

To top