Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека е постигнат договор за конечно довршување на булеварот Борис Трајковски, еден од најважните сообраќајни правци во Скопје, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани.
ПОСТИГНАТ Е ДОГОВОР – булеварот „Борис Трајковски“ конечно се довршува!
Почитувани, кај мене зборот е збор.
Со искрено задоволство ја споделувам веста која со години ја чекаа повеќе од 100.000 жители што секојдневно го користат еден од најклучните сообраќајни правци во Скопје, булеварот „Борис Трајковски“, пишува на Фејсбук Ѓорѓиевски.
Денес остварив средба со стопанствениците долж трасата и постигнавме договор за забрзано спроведување на експропријацијата, процес кој во минатото останал недовршен.
Со тоа, конечно се отвора патот за реализација на овој долгоочекуван, но премногу пати неисполнет проект.
Овој булевар е еден од моите најзначајни приоритети, покрај останатите капитални инфраструктурни зафати во градот.
Предолго беше заглавен од моите претходници, претворен во вистинска голгота за илјадници граѓани.
Тоа време завршува.
Во најскоро време ќе биде објавена јавната набавка, а проекциите се дека изградбата ќе биде комплетирана до крајот на оваа календарска година.
Оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево – заминуваат во минатото.
На нивно место ќе никне современ булевар со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека.
Мојот народ заслужува безбедност, достоинствено движење и модерна инфраструктура.
Почитувани, ние ветивме и исполнуваме.
Замолувам за трпение додека траат градежните активности, за конечно да имаме достоинствена сообраќајница. Нека е аирлија! Најдоброто, доаѓа!, пишува во својата објава Ѓорѓиевски.