ИТНО ОДЗЕМАЊЕ НА ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ДАНЕЛА АРСОВСКА! Денес, на моја иницијатива остварив координација со скопските градоначалници каде ги евидентираме проблемите и предизвиците со кои се соочувавме и заеднички бараме решенија, напиша на Фејсбук градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Денешната координативна средба ја иницирав токму заради вакви бројни наталожени проблеми со кои се соочува главниот град и она што како приоритетно сите го издвоивме е нашето незадоволство и загриженост за состојбата со јавното претпријатие ,,Комунална Хигиена”, како и ,,Паркови и зеленило”. Негрижата и неработењето на ова претпријатие има име и презиме и резултираше со преполни контејнери, наталожениот отпад насекаде и создадени депонии низ главниот град на државата. Во услови на летни температури од над 40 степени ова повеќе не е само естетски проблем туку претставува сериозна закана за здравјето и животот на нашите сограѓани. Преплавени сме од поплаки од нашите граѓани, од барања ние да направиме нешто кога веќе градот Скопје не се грижи. И верувајте, нашата борба трае веќе долго, истакна Ѓорѓиевски.
Нема да говорам за константните јавувања, дописи до ЈП ,,Комунална Хигиена” и до нивната шефица, градоначалничката Данела Арсовска, потенцираше Ѓорѓиевски.
Ќе потсетам дека во повеќе наврати се самооорганизираме за чистење, што верувајте не е едноставно бидејќи немаме механизација, ниту човечки ресурси, а најиронично во целата ситуација е тоа што моравме да водиме и војна со градоначалничката Данела Арсовска која, замислете, минатото лето, не ни дозволи да го фрлиме собраниот отпад во Дрисла. Значи, не само што јавното претпријатие во нејзина надлежност не си ја работеше работата, туку и нѐ попречуваше нас да си ги исчистиме општините и да ги заштитиме нашите граѓани од зарази. Пред неколку седмици, јас, како градоначалник и неколку други градоначалници од Скопје, поднесовме прекршочни пријави против ова претпријатие. Меѓутоа, очигледно и тоа не допира до нив бидејќи градот се уште тоне во ѓубре и смрдеа. Сите сме согласни дека се потребни подрастични мерки.
Оттука, денес, едногласно, одлучивме да побараме одземање на ингеренциите на ЈП ,,Комунална Хигиена” и ,,Паркови и зеленило” како нивна транформација од Град Скопје и нивно предавање на централната власт, односно на Владата. Предлогот, кој го поддржаа сите градоначалници е назначување на владин претставник кој ќе го управува претпријатието, а потоа и целосно расформирање на истото. Вработените и механизацијата да бидат распределени на општините, кои сами ќе се грижат за хигиената во своите заедници. Не смееме да дозволиме вакво неодговорно однесување, ниту од страна на раководството на Град Скопје.
Ѓорѓиевски е дециден дека Градот Скопје не е полигон за детска игра каде што некој ќе тера инает и ќе ги казнува скопјани од само нему познати причини.
Повеќе не нѐ интересира дали се работи за некадарност, мрзеливост, неспособност или што и да е причината што нашата метропола е доведена во алармантна состојба.
Нашите граѓани плаќаат за услуга која не ја добиваат, и тоа мора да престане. Секој граѓанин има право на чист и здрав животен простор, а ние како градоначалници сме должни да го обезбедиме тоа. СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ ПОВТОРНО ГОРД ГРАД! рече на денешната прес-конференција градоначалникот Ѓорѓиевски.