Вести Полска

Шикорски: Полска нема да им даде на САД бази за напади врз Иран, ниту ќе испрати војници

Полските и американските интереси се слични, во голема мера се преклопуваат, но не се исти, посочи Шикорски во интервју за полскиот весник „Жечпосполита“

Шикорски: Полска нема да им даде на САД бази за напади врз Иран, ниту ќе испрати војници

Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Шикорски денеска изјави дека полските војници нема да бидат вклучени во нападите на САД и Израел врз Иран, а базата на американскиот противракетен штит во Реџиково, во северниот дел на земјата ќе може да се користи само за пресретнување на балистички ракети доколку Иран ги лансира директно кон САД или Европа.

– Полските и американските интереси се слични, во голема мера се преклопуваат, но не се исти, посочи Шикорски во интервју за полскиот весник „Жечпосполита“.

Тој истакна дека според потпишаните договори базата во Реџиков треба да открива и уништува ракети што би претставувале закана за Европа и САД.

– Иран нема да испраќа такви ракети. Базата во Реџиково е градена со години во случај на хипотетичка закана што не се остварила. И фала му на Бога, посочи Шикорски.

Тој додаде дека и претседателот на Полска, Карол Навроцки, како врховен командант на вооружените сили изјави дека нема да дозволи полската армија да се приклучи во војната против Иран.

– И владата и претседателот изразуваат политичка солидарност со нашиот најважен сојузник, но и со сојузниците и пријателите во Турција, Кипар и регионот на Персиски Залив. Полска отсекогаш се залагала за безбедноста на Израел во рамките на неговите меѓународно признати граници, наведе Шикорски.

Тој потенцира дека Полска мора да се фокусира на она што се случува на границата односно војната во Украина.

– Агресивната Русија, охрабрена од својата империјалистичка државна идеологија, испраќа беспилотни летала во полскиот воздушен простор, истакна Шикорски.

To top