Регион истражување на ИРИ

За мнозинството албански граѓани корупцијата е најсериозен проблем

Од околу 1.800 лица на возраст над 18 години, опфатени со анкетата, речиси 86 отсто рекле дека корупцијата во Албанија е сериозен проблем, додека 69 отсто од нив веруваат дека СПАК може да ја заврши својата работа без политички влијанија.

За мнозинството албански граѓани корупцијата е најсериозен проблем

Најсериозен проблем за граѓаните на Албанија е корупцијата, а најголема доверба имаат во Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК), покажуваат резултатите од истражувањето на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Од околу 1.800 лица на возраст над 18 години, опфатени со анкетата, речиси 86 отсто рекле дека корупцијата во Албанија е сериозен проблем, додека 69 отсто од нив веруваат дека СПАК може да ја заврши својата работа без политички влијанија.

Според анкетираните најраспространета корупција во нивните општини е кражба или намерно лошо управување со средствата, активности за личен интерес, поткуп, клиентелизам на сметка на меритократијата и неказнивоста.

-Според Пол Мекарти (Paul McCarthy), директор на ИРИ за Европа охрабрувачки е да се види дека мнозинството од албанскиот народ ги поддржува антикорупциските напори што се прават во земјата. Иднината на Албанија почива на успехот во борбата против корупцијата, која е особено предизвикувачка во високополаризираната политичка клима во земјата. Во истражувањето огромното мнозинство од испитаниците или 63 отсто, освен корупцијата и миграцијата, како најсериозни проблеми во нивните општини ги наведуваат економијата, животните трошоци (високи цени) и невработеноста (40 проценти од нив), пренесуваат албанските медиуми.

Речиси 60 отсто од испитаниците одговориле дека со државата се раководи според интересите на одредени групи, 38 отсто дека власта им служи на интересите на мнозинството граѓани, околу 53 отсто биле песимисти по прашањето дали денешната генерација млади има иднина во Албанија, додека 43 отсто се оптимисти за иднината. Сепак, околу 58 отсто од испитаниците сметаат дека земјата оди во добра, а 39 отсто дека оди во погрешна насока.

Во однос на прашањето за гласање на дијаспората, во истражувањето, 87 отсто од испитаниците сметаат дека на албанските државјани кои живеат во странство треба да им се даде можност да го остварат своето право на глас на избори во Албанија.

To top