На насловната страница на грчкиот весник „Демократија“ објавено е дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во синоќешното обраќање до јавноста, изразил остра осуда за позитивното мислење на известувачката Дора Бакојани за прием на Косово во Советот на Европа, оценувајќи го како промена на ставот на Грција.
Весникот Демократија, близок до владејачката Нова демократија на премиерот Киријакос Мицотакис, наведува дека Вучиќ употребил „невидена остра реторика“ против Бакојани во своето обраќање до нацијата, обвинувајќи ја и неа и грчката влада како целина дека се „одговорни за ненадејна промена во ставот на Грција“, пренесува РТС.
„Поточно, за време на неговиот драматичен говор од Претседателството синоќа, претседателот Вучиќ со многу лут тон и се обрати по име на г-ѓа Бакојани, велејќи: „И да и кажам на Дора Бакојани: Срам да ти е што направиви. Срам да ти е! Јас лично знам кој ви наложи со телефонски повик, а вие го сменивте извештајот (за Косово)… Некои луѓе имаат кичма, а некои себез кичма!’“, пишува грчкиот весник за говорот на претседателот на Србија.
Како што се наведува, острата реакција на претседателот на Србија уследи неполни 48 часа по прифаќањето на извештајот на Бакојани од Парламентарната конференција на Советот на Европа, во која поранешната грчка министерка за надворешни работи предложи вклучување на Косово во СЕ, заобиколувајќи ги, како што наведува РТС, „меѓународните обврски на владата и привремените институции на премиерот на Приштина, Албин Курти, кон српскиот народ во Косово, кои до пред две недели беа упатувани и предложени од самата Бакојани“.
Весникот „Демократија“ оценува дека потегот на Бакојани „го отвора патот за меѓународно признавање на Косово“ и посочува дека перспективата за признавање на Косово, со оваа грчка иницијатива, создава голем проблем и на Кипар, кој остро се спротивставува, бидејќи со право е загрижен дека таквиот развој на настаните може да го отвори патот за признавање на окупираниот дел на Кипар. Како што се додава, останува да се види дали ставот на Кипар се променил под притисокот на Атина, пренесува РТС.
Исто така, се посочува дека овој „опасен пресврт“ не е само потврда за длабокиот раскол што, за жал, сега настана во грчко-српските односи под одговорност на грчката страна, туку претставува и лош знак за „погубни последици. “ за Кипар.
Се проценува дека одговорноста е целосно на владата на премиерот Киријакос Мицотакис, која, како што се наведува, „ги заобиколува националните позиции без никаков политички легитимитет“, пренесува РТС. (МИА)