Косовската полиција соопшти дека уапсила уште еден осомничен за петочниот напад со експлозив на каналот Ибар-Лепенец во Варага, кај Зубин Поток, во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во полициското соопштение се наведува дека се преетпоставува оти уапсениот „имал важна улога во групата одговорна за терористичкиот напад“.
-Во продолжение на истрагите поврзани со случајот на терористичкиот напад на критичната инфраструктура, но и претходните случаи, од страна на соодветните истражни единици, во соработка со други полициски единици, на 01.12.2024 година во вечерните часови уапсено е уште едно осомничено лице (Ј.В.), под сомнение дека можеби имал важна улога во групата одговорна за случајот со терористичкиот напад на критичната инфраструктура, се наведува во соопштението.
Во куќата на осомничениот биле пронајдени рачни бомби, оружје, муниција и воена опрема.
-Во целосна соработка и координација со Специјалното обвинителство на Република Косово, извршена е контрола во куќата во која живеел осомничениот, при што се одземени материјални докази, и тоа: четири рачни бомби, ловечка пушка, над 500 парчиња муниција од различен калибар, две рамки за автоматска пушка АК-47, една рамка за долга пушка, радио-врска, двоглед, камуфлажна камера, војнички униформи и разни документи, се наведува во соопштението.
На осомничениот по наредба на одговорниот обвинител на Специјалното обвинителство му е одредена мерка притвор од 48 часа.
Според полицијата, состојбата на косовскиот север е мирна, но кревка.
-Безбедносната ситуација на северот на земјата во моментов се смета за мирна, но како што континуирано објавуваме, станува збор за кревка ситуација, придружена со случаи од различна криминална природа, како што е последниот случај на криминален терористички напад врз критичната инфраструктурата во каналот за вода, поради што продолжуваат дополнителните мерки на КП, се наведува во соопштението.
Претходно, во саботата, во обемна акција на косовската полиција во северно Косово, населено со мнозинско српско население, беа уапсени осум лица, а запленети се и бројни материјални докази, како и арсенал на оружје и муниција, експлозиви, разновидна опрема, вклучително и стотици униформи и воена опрема.