Во Белград пред Владата и претседателството на Србија се одржа протест поради уривање на настрешницата на зградата на Железничката станица во Нови Сад, во кое загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени, јави дописникот на МИА од Белград.
Протестот беше организиран од опозициските партиии и движења, а започна со минута молчење и читање на имињата на загинатите. Откако се собраа пред Владата на Србија, протестната колона се упати низ улиците на Кнез Милош и Кралот Милан кон Претседателството на Србија, каде беа поднесени барањата.
Едно од барањата е оставка на премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Исто така, побарано е објавувањето на сите тајни договори поврзани со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, итно апсење на сите одговорни и ослободување на сите приведени, како и вонредна контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати или спроведени во изминатите десет години.
-Четиринаесет човечки животи згаснаа поради нечие невнимание, неодговорност, површност и бескрупулозност. За жал, во последните неколку години забележавме одреден тренд на девалвирање на мислењето на професијата, не вклучување во носење важни одлуки, неможност да се реагира и посочување на потенцијалните проблеми, а сето ова доведе до тоа многумина од нас да ја вртат главата, да не сакаат да видат, слушаат и не сакаат да кажат ништо, порача на протестот Ана Ферик-Ивановиќ, архитект од Нови Сад.
На протестот беа лидерите и преставници на Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт, Еколошкото востание, еколошки активисти на Здружението „Не го даваме Јадар“ Демократската партија (ДС), Српски центар , ПОКС, ПСГ.
-Ни велат да бидеме мирни и да веруваме во институциите. Во кои институции треба да веруваме после се? Дали треба да веруваме во полицијата која апси средношколци и студенти кои протестираат по изборната кражба во декември минатата година и по паѓање на настрешницата, а не ги гледа силеџиите, мафијашите и параполицијата, кои на истите тие протести ги малтретираат граѓаните и спроведуваат граѓански апсења, рече адвокатот Јован Рајиќ.
Пратеникот Срѓан Миливојевиќ од ДС на протестот пред претседатеството на Србија изјави дека зградата е полна со полиција и порача дека барањата ќе бидат доставени до Народното собрание.
Обвинителството во Нови Сад покрена истрага за несреќата во која соопштија дека се сослушани најмалку 53 лица, а единствена оставка досега поднесе министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ. Државните функционери, меѓу кои и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, наведуваат дека оставката на Весиќ нема да биде единствена и дека бараат политичка и кривична одговорност за несреќата. (МИА)