Регион

Протест на опозицијата во Тирана, му порачаа на Рама да си оди

Со пеење на националната химна, обединетата опозиција го почна вечерашниот масовен протест, пред владата во Тирана, под мотото „Или денеска или никогаш“, на кој присуствуваа членови, приврзаници и граѓани од сите делови на земјата.

Протест на опозицијата во Тирана, му порачаа на Рама да си оди

Протестот беше свикан од приврзаниците на Сали Бериша, што е побројно крило на Демократската партија, познато како „Обнова на ДП“. На истиот не беа приврзаниците на Љуљзим Баша, кој официјално според судскиот регистар е лидер на партијата.

Генералниот секретар на „Обнова на ДП“ Фламур Нока, порача дека ова е историски момент за опозицијата и нова албанска пролет.

-Овој момент ќе остане во историјата со оваа величествена поплава од народ. Застрашувачкиот план на Еди Рама да ја уништи опозицијата не успеа. Денеска сме тука да му кажеме на Рама дека опозицијата е тука, стои и е посилна од кога и да е. Рама владееше 11 години и ја зазеде секоја власт со крадење гласови. На членовите на семејството им дава милиони евра и патува со приватни авиони. Сето тоа го прави со парите на народот. Од тука му порачуваме дека не го признаваме за премиер, порача Нока.

И останатите говорници со низа обвинувања до премиерот Рама порачувајќи дека „денеска народот го донесе на плоштадот е бунтот против Еди Рама и желбата да се урне неговиот диктаторски режим“.

Со овации беше поздравен Сали Бериша, кој е во домашен притвор, а преку снимена порака им се обрати на демонстрантите, уште еднаш нарекувајќи ги ураган.

-Вашиот ураган вечерва е ураганот на слободата, кого никој не може да го запре. Денеска на плоштадот ја немаме статуата на

сталинистичкиот диктатор, Енвер Хоџа (урната на 20 февруари 1991), но тука е статуата на диктаторот Еди Рама. За време на 10-годишно владеење на Рама, како никогаш, 1 милион Албанци ја напуштија Албанија а евроинтеграциите на земјата се претворија во хоризонт кој секојдневно се оддалечува од Албанците. Но, денес овој ден за вас, за Албанците е ден на верба и храброст, истакна меѓу другото Бериша.

По неговиот говор во дворот на владата беа фрлени димни бомби и молотови коктели а имаше обид да се пробие полицискиот кордон, беше урната заштитната ограда, по што беше видно зголемен бројот на полициските службеници.

Ова е прв национален протест по неколку месеци. За безбедноста беа ангажирани над 1.100 полицајци, како и припадници на специјалните полициски и армиски единици и Националанта гарда.

Најнови вести од Регион

Теми на денот

To top