Поради најавите за обилни врнежи од дожд и грмежи, локално интензивни снежни врнежи и на одредени места силни ветрови, утре и задутре, пет грчки региони се во состојба на мобилизација (Red Code), додека пак во областа Атика, поширокиот дел на Атина, утре, сите училишта ќе бидат затворени и наставата ќе се одржи онлајн, јави дописничката на МИА од Атина.
За претстојното невреме денеска се одржа состанок во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција каде што беа разгледани сите околности и одлучено за регионите Атика, Пелопонез, Тесалија и централна и северозападна Грција да се вклучи црвениот аларм.
Со одлука на префектот на периферијата Атика, Никос Хардаљас, и по препорака на членовите на Комисијата за процена на опасности, на цивилната заштита и на Националната метеоролошка служба, утре превентивно ќе останат затворени сите државни и приватни основни и средни училишта на целата територија на Атика, поширокиот регион на Атина.
Одлуката, како што информираа од периферијата, е со цел заштита на учениците и наставниот кадар од опасностите што може да произлезат од движењата од и кон училиштата, бидејќи од пладне се очекуваат интензивни врнежи од дожд со висока јачина.
Хардаљас, рече дека ги знаат „капацитетите и слабостите на старите инфраструктури“ и затоа избираат превентивен пристап, бидејќи „одговорноста кон децата е јасна и не трпи ризик, а кога станува збор за нивната безбедност, должни сме да бидеме чекор понапред“.
– Се очекува појавите да бидат особено интензивни по 12 часот напладне, со силни грмежи, силни ветрови и поголем обем вода отколку претходниот пат. Она што нè загрижува не е толку количината на дождот, колку неговата интензивност, многу вода за многу кратко време. Наставата нема да се загуби. Ја користиме онлајн наставата и ги ограничуваме движењата, особено во критичните часови на појавата на временските феномени, имајќи предвид дека само регионот Атика секојдневно реализира 1.910 превозни линии за над 32.000 ученици, рече Хардаљас.
Паралелно во состојба на висока подготвеност е целокупниот механизам на цивилната заштита на периферијата. (МИА)