Основното обвинителство во Приштина соопшти дека не наредило претрес во просториите на 10 српски институции што денеска беа затворени на Косово.
Во соопштението се наведува дека нема официјално писмено барање за претрес и дека не се обезбедени докази дека се врши кривично дело што е во надлежност на Основното обвинителство во Приштина.
„Со оглед на фактот дека во овој случај не беа почитувани неопходните процедури јасно дефинирани со Законот за кривична постапка на Косово, државниот обвинител не беше во можност да издаде никакво овластување за конкретниот случај“, се вели во соопштението, пренесе Бета.
Се додава дека обвинителството е „посветено да ги гони кривичните дела и нивните сторители, секогаш врз основа на важечките закони и принципот на еднаквост и недискриминација на сите граѓани на Република Косово“.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља објави дека 10 „паралелни српски институции“ во Липљан, Обилиќ, Приштина, Косово Поле, Вучитрн, Ново Брдо, Каменица, Витина, Ораховац и Србица, како и канцелариите на Поштата на Србија и на Даночна канцеларија, беа затворени во денешната акција.