Косовскиот премиер Албин Курти и честиташе на Шведска за нејзиното зачленување во НАТО, порачувајќи дека „силно НАТО значи побезбедна Европа“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти на социјалната мрежа Х напиша дека членството на шведската држава во НАТО го гледа како голема шанса за мир по руската агресија во Украина и дека очекува Шведска да му помогне на Косово во заштитата на границата од српската агресија.
– Посилно НАТО значи побезбедна Европа и поголема шанса за мир по бруталната руска инвазија на Украина. Се надеваме дека наскоро ќе ги пречекаме новите шведски војници во КФОР за да му помогнат на Косово да ја одбрани својата граница од српската агресија, напиша Курти.
Честитки до Шведска упатија и претседателката на Косово, Вјоса Османи и министерката за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала, како и поранешниот премиер, Рамуш Харадинај.
Шведска вчера официјално стана 32-та земја која се приклучи на НАТО Алијансата. (МИА)