Позицијата на Грција дека нема да даде согласност за пристапниот процес на Албанија во Европската Унија, доколку нема напредок во случајот со градоначалникот на Химара, Фреди Белерис, ја повториле дипломатски извори од Брисел за грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Истите извори потенцирале дека ставот на Грција е јасен и ѝ е објаснет на албанската страна, но и дека Грција се согласила „за испраќањето писмото од ЕУ до Тирана за првиот чекор во отворањето на преговорите, под услов до следната фаза од процесот да има јасен чекор во насока на политичката волја на електоратот во Химара“.
-Денеска Советот за општи работи на ЕУ, кој ги подготвува темите за Самитот на 14 и 15 декември, во кој е вклучено и проширувањето на ЕУ, ќе расправа и за пристапниот процес на земјите од Западен Балкан. Сè уште останува отворена можноста за одвојување на пристапниот процес на Албанија од оној на Северна Македонија, пишува АНА-МПА.
Ставот на официјална Атина во случајот со притворениот градоначалник на Химара е дека треба да му се даде дозвола да положи заклетва и да може да ги оствари своите политички права.