Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, најави дека јавниот превоз во Белград ќе биде бесплатен за сите од 1 јануари 2025 година, пренесува „Н1 Србија“.
-Од 1 јануари 2025 година целиот јавен превоз во Белград ќе биде бесплатен. Тоа значи дека веќе никој нема да мора да плаќа билет. Нема веќе месечни, годишни или попуст-билети. Со оваа социјална мерка Белград станува единствениот град во Европа со повеќе од половина милион население, кој има бесплатен превоз, рече Шапиќ на прес-конференција.
„До крајот на 2025 година на улиците нема да има автобус постар од две години, а дури и оние што се стари две или две и пол години ќе бидат само оние што ги купивме на крајот на 2022 година“, рече Шапиќ.
Тој додаде дека првиот од 25-те трамваи што ги купи градот од турската компанија „Бозанкаја“ ќе почне да пристигнува следната година.
„И до крајот на 2027 година си поставивме задача да обезбедиме средства за сите тролејбуси, тоа се 100 тролејбуси и овие други 100 трамваи или 120 трамваи и да ги купиме. Ќе видиме дали ќе биде преку јавно-приватно партнерства, ама нешто ќе направиме. Треба да го обезбедиме она што е најважно – да добиеме нови возила што е можно побргу на најприфатлив начин“, рече тој.