Регион Финализиран Вториот состанок на меѓународните учесници во Белград

Експо 2027: Рекорден број од 137 земји го потврдија своето учество на изложбата во Србија

На дводневниот собир присуствуваа над 500 делегати и претставници на водечките светски економии, при што беа презентирани техничките планови и роковите за изградба на павилјоните.

Експо 2027: Рекорден број од 137 земји го потврдија своето учество на изложбата во Србија

Во Белград вчера заврши Вториот состанок на меѓународните учесници на изложбата Експо 2027 (International Participants Meeting – IPM). Настанот, кој траеше два дена, собра околу 500 делегати и претставници на медиумите од 138 земји, со цел дефинирање на следните чекори во организацијата на овој меѓународен настан.

Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за финансии, Синиша Мали, ги информираше присутните дека изградбата на Експо комплексот напредува според предвидената динамика. Тој нагласи дека, согласно договорите, павилјоните ќе им бидат предадени на земјите учеснички до 1 декември, со што ќе започне финалната фаза на уредување на изложбените простори.

Директорот на претпријатието Експо 2027, Данило Јериниќ, потврди дека досега своето учество официјално го пријавиле 137 држави. Со оваа бројка, изложбата во Белград го собори досегашниот рекорд на специјализирани изложби, кој го држеше Астана во 2017 година со 117 земји учеснички.

Министерката за внатрешна и надворешна трговија, Јагода Лазаревиќ, истакна дека Експо 2027 претставува значајна платформа за економска соработка и развој на бизнис релации во време на глобални предизвици. Таа порача дека настанот е одговорност и обврска за водење транспарентен дијалог со меѓународната заедница.

На состанокот учествуваа делегации од водечките светски економии, вклучувајќи ги САД, Кина, Германија, Франција, Русија, Јапонија и Обединетите Арапски Емирати, како и претставници на Обединетите нации. Генералниот секретар на Меѓународното биро за изложби (BIE), Димитри Керкентзес, изрази задоволство од досегашниот напредок и ја нагласи важноста на техничката соработка меѓу државите.

Во текот на двата дена беа одржани вкупно 24 мини-конференции на кои земјите учесници ги презентираа своите тематски павилјони, традиции и иновации со кои ќе се претстават пред светот.

Специјализираната изложба Експо 2027 ќе се одржи во Белград од 15 мај до 15 август 2027 година, под централната тема „Игра(ј) за човештвото – спорт и музика за сите“.

Најнови вести од Регион

To top