Во однос на случувањата поврзани со сомнежите за криминал на кланот Заеви и Венко Филипче, мојот став е одамна познат. Минимум 10 години сум присутен во јавноста преку емисии и настапи и истиот став го задржувам за тој човек, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, во гостување во „Наткаст“ на Љупчо Цветановски.
Според Пренџов, во Република Македонија ќе има правда и таа ќе стане правна држава само во моментот кога Обвинителството, во јасна и транспарентна постапка, ќе го истражи сè она што се случувало во рамки на сомнежите за криминал поврзани со кланот Заеви, со Зоран Заев, Оливер Спасовски, Миле Зечевиќ и други лица.
Тој посочи дека опозицијата во изминатиот период во јавноста изнела бројни документи и опишани докази кои претставувале индиции за сторен криминал, но и покрај тоа, до денес, во 2026 година, Обвинителството не спровело истрага, ниту пак ја информирало јавноста дали документите и пишаните докази изнесени од опозицијата за Зоран Заев се точни или не.
– За тој човек немам високо мислење, напротив, имам многу ниско мислење. Тој помина како „Халеева комета“, направи хаос во општествениот и политичкиот систем и исчезна. Дали некој ќе се занимава со политика е личен избор, но доколку е сторен криминал, тогаш Основното јавно обвинителство мора да го истражи, судот да пресуди, а јавноста да биде информирана, бидејќи станува збор за сомнежи за криминал поврзани со државни и јавни пари, изјави Пренџов, потенцирајќи дека ја почитува презумпцијата на невиност.
Осврнувајќи се на темата со марихуаната, Пренџов рече дека воопшто не го изненадува фактот што во држава со околу 1,5 милион жители биле издадени дури 80 лиценци за одгледување марихуана.
– Осумдесет лиценци за една толку мала држава се премногу. Колку злоупотреби имало и дали ги имало, очекувам во многу краток временски период да соопшти министерот Панче Тошковски. Познавајќи го, очекувам темелна истрага и излегување пред јавноста со имиња и презимиња, количини и проценета материјална штета, рече тој.
Пренџов очекува јавноста да биде информирана колку од тие компании работеле чесно и законски, дали се точни обвинувањата за доделување лиценци за одгледување марихуана на ниви, колку од производството било продавано и дали било наменето за медицински или за лукративни цели.
– Очекувам до крајот на месецот или почетокот на март да има прес-конференција од страна на Министерството за внатрешни работи, заедно со Обвинителството, каде македонската јавност ќе биде целосно информирана што се случувало со тие 80 лиценци. Ова прашање повеќепати сме го отворале и во Собранието, бидејќи беше јасно дека постои огромен сомнеж за криминал и дека не е ниту нормално, ниту логично во толку мала држава да има 80 фабрики за марихуана, истакна Пренџов.
Целото гостување на пратеникот Љупчо Пренџов можете да го погледнете во продолжение: