Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува говорот на омраза и повиците за насилство што се појавија на социјалните мрежи, особено коментарот на извесен Горан Костовски, кој повикува на „палење на ќумезот во Визбегово“, алудирајќи на телевизијата Алфа.
Ваквите изјави не само што претставуваат сериозна закана за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, туку поттикнуваат насилство и нетолеранција во општеството. Јавниот простор, вклучително и социјалните мрежи, не смее да биде место за поттикнување насилство, туку за конструктивна дебата и размена на мислења.
Ги повикуваме надлежните институции, особено Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, веднаш да реагираат и да преземат соодветни мерки против ваквиот говор на омраза. Истовремено, апелираме до граѓаните да се воздржат од користење говор кој може да поттикне насилство и да ја загрози безбедноста на медиумските работници.
ЗНМ останува посветено на заштитата на новинарите и на промовирањето на слободата на изразување во рамки на демократските принципи и законските норми.