Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во кое изнесува сериозни обвинувања за наводен поткуп поврзан со поранешниот премиер Зоран Заев.
Во соопштението се повикува на аудио снимка која, според партијата, циркулира на социјалните мрежи, а во која наводно се слуша разговор помеѓу бизнисменот Миодраг Давидовиќ Дака и Зоран Милески Кичеец, за кого се тврди дека бил посредник.
„Во аудио снимката… Дака му вели на Кичеец дека ако се спроведе работата, тој ќе им даде 2 милиони, а друг ќе им даде уште 2 милиони евра“, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека „Заев ќе заработи 4 милиони евра доколку се изгради бетонската џунгла во Тетово“, проект кој, според нив, опфаќал околу 2.000 станбени единици со проценета вредност од 200 милиони евра.
Партијата поставува повеќе прашања до јавноста и институциите, меѓу кои: „Земал ли Заев мито од 4 милиони евра од Дака? Каде завршиле овие пари?“ Воедно, се отвораат и дополнителни сомнежи за наводни финансиски текови: „Дали трансакциите од овие средства водат до Дубаи каде Заев и Филипче градат висококатници и дали со дел од овие средства купуваа акции во индиски авиокомпании?“
Во соопштението се споменува и Венко Филипче, при што се наведува дека „Заев и Филипче молчат на оваа тема“.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат до Јавно обвинителство на Република Северна Македонија да ги истражи наводите. „Граѓаните имаат право да ја знаат вистината, а институциите имаат обврска да обезбедат правда и отчетност“, се вели во реакцијата.
Партијата додава дека очекува институциите „да го преиспитаат случајот и да постапат согласно со законите во интерес на правдата и владеењето на правото“.