Македонија

Законот за заемот од Унгарија на седница на Комисијата за финансирање и буџет

За денеска во 10 часот е закажана седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која треба да се разгледа Предлог-законот за заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, кој се носи по скратена постапка.

Законот за заемот од Унгарија на седница на Комисијата за финансирање и буџет

За денеска во 10 часот е закажана седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која треба да се разгледа Предлог-законот за заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, кој се носи по скратена постапка.

Седницата ја закажа претседателот на Собранието Африм Гаши откако беше објавено дека претседателката на Комисијата Сања Лукаревска нема да закаже седница бидејќи законот се носи по скратена постапка. Со денешната седница треба да претседава пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.

– Согласно членот 126 став (3) од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија со четвртата седница на Комисијата за финансирање и буџет ќе претседава членот на Комисијата, пратеникот Бојан Стојаноски. Во случај на спреченост на членот на Комисијата за присуство на седницата, потребно е навреме да го известите претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и претседавачот со оваа седница на Комисијата и да определите заменик од редот на замениците членови на оваа Комисија, објавено е на собраниската веб-страница.

СДСМ вчера побараа да се повлече законот и тој да се носи во редовна постапка и да се организира дебата со вклучување на експертската јавност. Предлог законот, како што изјави вчера лидерот на СДСМ Венко Филипче, е коруптивен и земјата се става во должничко и политичко заложништво кон Унгарија.

– Во услови кога за првпат државата се задолжува директно од некоја друга држава, кога не постојат јасни критериуми и механизми за распределба на земените пари, кога не постои јасно утврден систем за контрола на трошењето на парите, кога нема јасни одредби во законот кои тоа го гарантираат, кога има точки каде се кријат скриени трошоци кои не се јасно изразени за СДСМ е крајно недозволиво да се носи овој закон по скратена постапка, рече Филипче.

Според премиерот Христијан Мицкоски, се работи за законско решение со кое ќе се обезбедат средства што ќе се наменат за стопанството и за општините. На прес-конференција во средата, Мицкоски рече дека во законското решение е содржано сето она што претходно било кажано за заемот, односно дека заемот ќе биде со каматна стапка од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата.

Во однос на трошоците што земјава треба да ги плати за провизија за правни услуги, Мицкоски рече дека тоа е нормална процедура и дека износот е 10 пати помалку од она што сме го плаќале досега за заеми.

– Трошоците изнесуваат 70 илјади евра, тоа е нормална процедура и тоа е 10 пати помалку од тоа што сме го плаќале претходно за заеми. Од овие половина милијарда што ќе бидат земени како заем, овие 70 илјади евра се трошоците и тоа е нешто повеќе од 0,1 процент, рече Мицкоски.

Во Предлог законот е наведено дека Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка и дека провизијата треба да се плати пред повлекување на траншата.

Предлог законот за заемот од Унгарија на 3 септември помина на владина седница.

Откако законот ќе помине во Собрание, министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска ќе отпатува во Унгарија, каде треба да го потпише договорот.

Заемот од Унгарија беше договорен за време на посетата на премиерот Мицкоски на Вашингтон, каде се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Најнови вести од Македонија

To top