Македонија дознајте до кога е крајниот рок

За два дена 2.000 лично поднесени барања за ваучер за инвертер, плус голем број стигнати по пошта

Околу 1.500 граѓани денеска лично поднеле барања до Архивата на Министерството за економија за ваучер за набавка на инвертер клима уред, а во текот на вчерашниот ден тоа го направиле 500 граѓани. Дополнително голем дел од апликациите пристигнале по пошта, претежно од граѓани од другите градови во земјава и тие ќе се обработуваат во текот на викендов, информираат од Министерството за економија.

За два дена 2.000 лично поднесени барања за ваучер за инвертер, плус голем број стигнати по пошта

Од Министерството за економија очекуваат набрзо да се искористат сите средства предвидени за набавка на клима уреди. За првата мерка крајниот рок е 12 февруари, а за втората 15 февруари годинава. За лично да поднесат барање до архивата, како што велат, граѓаните чекаат по околу 20 минути.

Распишан е и јавен оглас за избор на фирми од каде што граѓаните ќе може да набавуваат клими.

Ваучерите ќе се делат по принципот прв дојден – прв услужен. За да го остварат правото на учество по овој јавен оглас домаќинствата во изминатите три календарски години треба да не користеле средства од било кој извор за надомест на трошоци за грејни уреди – печки на пелети или високоефикасни инвертер клима уреди, да немаат приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот. Покрај тоа, уредот ќе треба да биде купен и вграден во текот на 2024 година, најдоцна до 30 ноември годинава, на адресата која е наведена во барањето.

Набавениот уред задолжително треба да има минимум COP 3.0, да грее на надворешна температура од -15 степени Целзиусови и да биде најмалку А+ енергетска класа за потрошувачка на електрична енергија за греење.

За да аплицираат на огласите граѓаните треба да пополнат барање кое што може да го подигнат во Архивата на Министерството за економија или на веб-страницата на Министерството за економија, изјава за точноста на податоците заверена на нотар, фотокопија од лична карта од сите членови на домаќинството, како и копија од последна платена сметка за електрична енергија.

Согласно Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, лицата со ниски примања за самец со вкупни приходи до 21.000 денари, домаќинство со два члена со вкупни приходи од 30.000 и домаќинство со три члена со вкупни приходи од 35.000 денари, може да добијат ваучер во вредност од 27.000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ за купување и вградување високоефикасни инвертер клима уреди, а лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена со вкупен приход од 40.000 денари и домаќинство со пет члена и повеќе со вкупен приход од 45.000 денари може да добијат ваучер за инвертер клима во вредност од 30.000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ.

Согласно Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинства ваучер во вредност од 25.000 денари по домаќинство, со вклучен ДДВ, може да добијат домаќинствата кои живеат на територијата на општините на Пелагонискиот регион – Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени и Југозападниот регион – Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа.

Ваучер во износ од 23.000 денари по домаќинство, со вклучен ДДВ, може да добијат домаќинствата кои живеат во Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион. вј/нд/

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top