Македонија Кочани

Во Србија и Бугарија денес е ден на жалост поради трагедијата во Македонија

Во нивен спомен денеска на половина копје ќе бидат спуштени националните знамиња на државните институции.

Во Србија и Бугарија денес е ден на жалост поради трагедијата во Македонија

Во Србија денеска е Ден на жалост поради трагедијата во Кочани , јави дописникот на МИА од Белград. Одлуката ја донесе српската Влада во неделата.

Во големиот пожар во дискотека во Кочани загинаа најмалку 59 лица, а 155 се повредени.

Знамињата во Србија се на половина копје на државните институции и установи. Медиумите и културните установи се обврзани да ја прилагодат својата програма за Денот на жалоста.

Министерството за информации и телекомуникации укажа на потребата сите медиуми целосно да го почитуваат Законот за одбележување на Денот на жалост на територијата на Србија.

Во Белград вчера беа префрлени 12 повредени во пожарот во Кочани и хоспитализирани во Ургентниот центар и во Воено-медицинската академија. Претходно 12 повредени беа исто така донесени во тие медицински установи како и неколкумина во Ниш.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ при вчерашната посетата на повредените во пожарот во дискотеката во Кочани, кои се на лекување во Универзитетскиот клинички центар на Србија, рече дека во здравствените установи во државата ќе примат вкупно 29 повредени лица.

Министерскиот совет на Бугарија го прогласи 18 март за Ден на национална жалост во спомен на жртвите кои загинаа во трагични околности во градот Кочани, Република Северна Македонија, соопшти владината прес-служба. Бугарската Влада изрази сочувство до семејствата на загинатите.

Во нивен спомен денеска на половина копје ќе бидат спуштени националните знамиња на државните институции, јави БТА.

Вкупно 59 лица загинаа, а 155 се здобија со различен степен на изгореници и повреди по пожарот што избувна во дискотеката Пулс во Кочани, источна Северна Македонија, за време на концертот на популарниот бенд ДНК во раните утрински часови во неделата. Некои од настраданите во пожарот се примени на лекување во Бугарија. Вкупно 14 од повредените со воено-транспортните авиони „Спартан“ и амбулантни возила од софиската Итна медицинска помош се пренесени во Бугарија.

Неговата Светост бугарскиот патријарх и митрополит софиски Данил служеше Трисвето (кратка молитва) за загинатите во трагичниот инцидент во градот Кочани во митрополитската катедрала „Света маченица Недела“. По литургијата за починатите се служеше благослов на масло за исцелување на жртвите.

Во Амбасадата на Република Македонија во Софија беше изложена книга на жалост, во која граѓаните можат да изразат сочувство во врска со пожарот во дискотеката во Кочани. (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top