Власта ќе ги чека изборите во Бугарија за да изнесе нови предлози за решение како да се продолжат преговорите. Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Орхан Муртезани вчера рече дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрлува целосно и оти во Владата веќе се водат интерни разговори за изнаоѓање на нови решенија како да се продолжат преговорите. Премиерот Христијан Мицкоски викендов од Охрид најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси.
– Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме таков нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија, бидејќи сметаме дека периодов и да имаме најдобар можен план не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна. Затоа се работи интензивно на изнаоѓање на решенија и мислам дека ова е правилниот пристап за понатаму, рече Муртезани вчера на прес-конференција кој како министер за европски прашања е главен преговарач на Владата со ЕУ.
За содржината на писмото што би било испратено до европските институции, вели дека моментално не е разговарано за содржината или што точно ќе содржи.
-Ќе има уште неколку координации во Владата заедно со премиерот, и откако ќе биде тоа срочено во рамки на некоја стратегија, тогаш сигурно дека ќе биде испратено и споделено со јавноста. Во моментот нема содржина на такво евентуално писмо, вели тој.
Прашан дали некоја идеја може да биде без уставни измени, тој вели дека уставните измени не се од Бугарија, туку од 27 земји-членки на ЕУ.
-Тоа е јасно наведено и во заклучоците на Советот. Ние се обидуваме да го заштитиме процесот. И премерот во неколку наврати и Владата имаат споменато дека не е спорно ништо да се носат уставните измени. Меѓутоа, ние сакаме да бидеме сигурни дека процесот понатаму нема да биде предмет на дополнителни блокади. Ние како коалиција Влен дадовме рок од шест месеци во кој што Владата мора да понуди решение за надминување на кризата. Уште сме во четвртиот месец, кога ќе стигнеме при крајот ќе видиме какви се можностите и што би направиле понатаму, рече тој.
Во одговор на новинарско прашање дали нови решенија се бараат со Бугарија или со другите земји членки, вели дека на сите средби со високи претставници во Брисел и други земји-членки на ЕУ била побарана помош да создадеме вакуум за дијалог.
-За нас би било полесно и посигурно ако целиот овој дијалог помеѓу нас и Бугарија се олесни или се овозможи од нашите стратешки партнери, додаде Муртезани.
Според него, главната порака од раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е дека процесот на проширување е се уште жив и оти ние мора да изнајдеме решение во најкус можен рок.
На прашањето каков вид гаранции очекуваат од ЕУ, кога сигналите оттаму секогаш скоро се јасни и идентични, дека гаранции не можат да се добијат, вели дека ако се погледнат протоколите, „ние таму сметаме дека има огромни можности за дополнителни блокади“.
-И ако ние како Влада сметаме дека постои таков ризик, и со надминување на сегашниот чекор, само ќе поместиме уште една блокада понатаму, мислам дека треба да ги исцрпиме сите можности во обезбедување некакви гаранции и дека нема да бидеме предмет на повторни блокади. Не е работата ЕУ да ни гарантира нешто. Ние сме должни да го заштитиме интересот на државата и на граѓаните. Ако ние сметаме дека постои таков потенцијален ризик, тогаш подобро е да се подготвуваме од сега, да го елиминираме тој ризик, отколку да ги усвоиме уставните измени, па после да се соочиме со дополнителна блокада. Блокади можеме да предизвикаме и сами, ако реформите во правосудниот систем ги тераме спротивно на европската пракса… Сите ние сме биле сведоци дека и Договорот за добрососедство, меѓутоа и протоколите се предмет на различни толкувања од различните страни. И ние сакаме да бидеме сигурни дека тие различни интерпретации некоја наредна унилатерална позиција на Бугарија, којашто ќе биде заедничка позиција на ЕУ. На нас останува да обезбедиме или да се осигуриме дека процесот нема повторно да биде предмет на дополнителни блокади, оцени Муртезани.
Премиерот Христијан Мицкоски во саботата најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси. Тој и во понеделникот повтори дека Владата сака да биде проевропска и да ја види државата интегрирана во рамки на ЕУ, но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во која што би биле со сочувано достоинство. За ова, вели Мицкоски, имаме поддршка од 26 земји членки, освен од нашиот источен сосед.
Според него, е чудно тоа што Бугарија го одбила предлогот на Унгарија како претседавач на Европската унија да биде медијатор во целиот процес, иако претходно велела дека проблемот е на Европската унија.
Вели дека во моментот нема предвидливо решение и проблем е што не е јасен патот и целта.
– Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има и тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот Парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме – уставните амандмани да важат кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме, нагласи Мицкоски.
Лидерот на движењето Беса, која е дел од коалицијата Влен, Билал Касами вели дека остануваат на ставот за носење на уставните измени, но дека прво меѓународните партнери, пред се ЕУ и САД, треба да дадат јасен план како ќе се движи евроинтегративниот пат на државата.
– Уставните измени се само предуслов за продолжување на евроинтеграциите, но за понатамошните интеграции потребен е партнер од страна на ЕУ со јасен план за нашиот пат кон ЕУ. Чекаме Брисел да дојде со јасен план како ќе продолжи процесот на интеграција, рече Касами во понеделникот.
Запрашан дали оваа одлука ќе се донесе до крајот на годинава, Касами рече дека никогаш не давал рокови.
Опозицијата, пак, повторно побара на затворена собраниска седница за власта да го каже планот за евроинтегративниот процес на земјава.
СДСМ побара ваква седница откако Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ, со што практично би се раздвоила од Северна Македонија, иако досега двете земји се движеа во пакет во пристапниот процес.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче во понеделникот во изјава за медиумите повторно го повика премиерот Мицкоски да свика ваква седница на која ќе образложи каков е планот и идните чекори за европската интеграција на државата.
– Процесот на евроинтеграции на државата е блокиран од страна на Владата. Тие се должни пред граѓаните да го кажат планот со кој би ги подобриле позициите во преговарачкиот процес како што ветуваа во изборниот период. Кажуваа дека имаат некаков план, некаква поддршка од некои земји, за тоа дека ќе ги подобрат нашите услови во процесот на преговори меѓутоа досега од тоа не видовме ништо. Ниту видовме некој обид да се подобри нашата преговарачка позиција, ниту имаме временска рамка кога тоа ќе се случи и затоа е неопходно што побрзо да се случи таа собраниска седница за Владата и премиерот да го кажат планот за нашиот евроинтегративен процес, изјави Филипче во Крива Паланка.
Портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро на 27 септември изјави дека ставот на Европската комисија е многу јасен и дека таа со нетрпение очекува почеток на преговорите по Кластерот „Основи вредности“ што е можно поскоро и со Албанија и со Северна Македонија, откако земјава „ќе ги исполни релевантните критериуми договорени со Советот“ на ЕУ. Таа додаде дека тие „релевантни критериуми“ ги опфаќаат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот, нагласувајќи дека Европскиот совет ја повика земјава да го забрза спроведувањето на овие измени.