Македонија град скопје

ВИДЕО: Фонтаната „Лотос“ во Градски парк го враќа сјајот, почната целосна реконструкција

ВИДЕО: Фонтаната „Лотос“ во Градски парк го враќа сјајот, почната целосна реконструкција

Портата, симболот на Градскиот парк во Скопје, фонтаната „Лотос“ го добива својот сјај.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека започната е целосна реконструкција на фонтаната сместена на влезот од Градскиот парк, место што со децении претставува препознатлив белег и гордост на Скопје, но и место кое долги години беше запуштено.

– Паралелно со обновата на фонтаната, се уредува и плоштадот околу неа, се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот добива нов, модерен и достоинствен лик. Ова култно катче, еден од најистакнатите и најпрепознатливи симболи на градот, повторно ќе стане место на средби, прошетки и споделени моменти, ќе биде простор каде генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во убавината на јавниот простор, онака како што Скопје заслужува, истакнува Ѓорѓиевски.

На местото на фонтаната пред нејзината изградба имало мочуриште, полно со убави бели цветови. Токму оттаму потекнува инспирацијата за проектантот, лотосовиот цвет. Фонтаната „Лотос“ е дело на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец (1938-1982), која работела во Заводот за урбанизам и архитектура Скопје. Фонтаната уште пред нејзината реализација се очекувала со големо нетрпение и била најавувана во медиумите како најубава и најрепрезентативна во земјата.

Отворена е на 3 мај 1971 година со гламурозна вечерна свеченост.

-Предвидено е фонтаната да изгледа како воден цвет – лотос, смирен по својот колорит, како да никнува од земја. Во долната чинија на фонтаната, која е и носител на цветот, водата непрекинато се движи, паѓајќи од ’листовите на цветот‘ и од т.н. водени толчници. Играта на водата се одвива во четири програми. Водата си игра меѓу цветовите со специјална структура на движењето на водените млазови, изјавила архитектката Волињец за своето дело.

Најнови вести од Македонија

To top