Системот „Безбеден град“ официјално почнува со работа од утре (1 февруари), новиот автоматизиран механизам за контрола и санкционирање на сообраќајните прекршоци на територијата на државата.
Системот ќе стартува на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10 со што ќе започне со санкционирање на граѓаните кои направиле прекршок детектиран од камерите.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека системот е целосно тестиран и подготвен за примена, а паралелно продолжува и ажурирањето на податоците на возачите, што е законска обврска.
Во првата фаза системот ќе детектира четири типични сообраќајни прекршоци:
• непрописно паркирање;
• управување со брзина поголема од пропишаната;
• минување на црвено светло;
• управување на возило со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола.
Казни за пречекорување на брзината во населено место (до 50 км/ч):
до 10 км/ч над дозволеното – глоба од 15 евра
од 10 до 30 км/ч – глоба од 50 евра
од 30 до 50 км/ч – глоба од 300 евра и прекршочна санкција
забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци
Казни за пречекорување на брзината надвор од населено место:
до 30 км/ч – глоба од 20 евра
од 30 до 50 км/ч – глоба од 50 евра
од 50 до 70 км/ч – глоба од 300 евра и прекршочна санкција
забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци
За поминување на црвено светло:
глоба од 250 евра
заштитна мерка забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци
За непрописно запирање и паркирање:
глоби од 25, 40, 150 и 180 евра, во зависност од видот и тежината на прекршокот
За учество во сообраќај со нерегистрирано возило:
глоба од 500 евра
доколку од истекот на сообраќајната дозвола не поминале повеќе од 30 дена – глоба од 100 евра
Од МВР информираат дека казните платени во рок од осум дена ќе бидат намалени за 50 отсто, а по истекот на рокот ќе се наплатува целосниот износ. Дополнително, најавени се и полициски возила со мобилни камери кои ќе патролираат низ државата и ќе регистрираат прекршоци во реално време.
Надлежните очекуваат дека со воведувањето на „Безбеден град“ значително ќе се подобри сообраќајната безбедност и ќе се намали бројот на тешки сообраќајни несреќи.