Македонија избран е и посебен советник за угостители

Угостителите на средба со Ѓорѓиевски: Крај на нередот, угостителски објекти ќе имаат посебни контејнери

Угостителите на средба со Ѓорѓиевски: Крај на нередот, угостителски објекти ќе имаат посебни контејнери

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со скопските угостители, на која, како што истакнува, произлегле важни чекори за подобрување на нивната работа и на севкупниот урбан амбиент во градот.

– Ако сакаме Скопје да биде чист, уреден и функционален град, мора да поставиме јасни правила и да работиме заедно.  Во таа насока, договоривме секој угостителски објект да набави сопствени контејнери и да добие посебен тарифник со прецизни правила за одлагање на отпад, како и термин за собирање кој ќе важи единствено за правните субјекти. Ова ќе значи крај на нередот и почеток на поуредено, поодговорно функционирање, вели Ѓорѓиевски.

За советник задолжен за секојдневна комуникација со угостителите и кабинетот е избран Драган Арсовски, човек со долгогодишно искуство, а избран по предлог на сите чинители во овој сектор.

Тој ќе биде мостот кој ќе ја олеснува координацијата, ќе ги решава проблемите на терен и ќе обезбеди континуирано подобрување на условите за работа.

– Договоривме и до 15 јануари да се достават елаборатите за користење на урбаната опрема која досега во изминатите години не се наплаќаше, со што конечно ќе се стави крај на хаосот и ќе се воспостави јасен ред. Ова се клучни моменти кога сите заедно се ставаме во служба на граѓаните – одговорно, посветено и со јасна цел. Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но го враќаме и редот. Нашиот град заслужува да биде полн со енергија, младост и креативност, а тоа е можно само со силна поддршка и вистинско партнерство со угостителскиот сектор. Благодарен сум за разбирањето и поддршката. Скопје заслужува да биде град на култура, современ урбан живот, силна економија и заедно ќе стигнеме до таа цел, нагласува Ѓорѓиевски.

To top