Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денес до четврток престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, каде ќе учествува на Светскиот самит за влади.
На Самитот, кој се одржува под мотото „Обликување на идните влади“, ќе учествуваат над 35 шефови на држави и влади, повеќе од 20 претседатели на меѓународни организации, како и над 500 министри и лидери од мултинационални компании од целиот свет. Настанот е посветен на унапредување на меѓународната соработка и изнаоѓање иновативни решенија за идните глобални предизвици.
Во рамки на Самитот, министерот Муцунски ќе учествува и ќе се обрати на панел-дискусијата „The Next Logistics Order: What Must Change?“, како и на министерска тркалезна маса на високо ниво, посветена на развојот на глобалните логистички и трговски системи и актуелните геополитички промени.
За време на посетата е предвидено потпишување меморандум за разбирање меѓу владите на Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати, како и одржување бројни билатерални средби со високи претставници на држави, меѓународни организации и мултинационални компании.
Учеството на министерот Муцунски на Светскиот самит за влади во Дубаи претставува потврда на активната улога на Република Македонија во промовирањето на мирот, стабилноста и меѓународната соработка, како и на заложбите на македонската дипломатија за продлабочување на односите со клучни меѓународни актери, вклучително и со земјите од арапскиот свет и Блискиот Исток.