Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работни посети на Секторот за внатрешни работи Охрид, Езерската и Сообраќајната полиција како и Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Свети Наум каде одржа работни состаноци со раководствата на овие организациски единици.
СВР Охрид покрива 7 општини и во првото тромесечие од 2024 година се забележува стабилна безбедносна состојба со намалување од 13.5% на бројот на кривични дела во однос на првото тромесечиче во 2023 година на подрачјето кое го покрива.
„Во делот на спроведувањето на изборите кои ни претстојат, СВР Охрид има изготвено план и е спремен за справување со безбедносните предизвици кои ги носат изборите. Од аспект на човечки ресурси, пополнетоста е на незадоволителни 52%. Имајќи го предвид фактот дека Охрид е популарна туристичка дестинација во летниот период, има потреба од дополнителн број на полициски службеници и проширување на капацитетите, особено на полициската канцеларија во Пештани. Исто така, треба да се размислува за дислоцирање на СВР Охрид во поголем објект кој ќе биде на соодветна локација која ќе овозможи поефикасно работење“, потенцираше министерот Тошковски.
Што се однесува до Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, министерот Тошковски беше информиран дека ја покриваат сината граница во должина од 23.4 километри и постапуваат во делот на илегална миграција, прекуграничен криминал по воден пат на охридското езеро, контрола на внатрешната пловидба како и санкционирање на незаконит риболов. Во тој контекст се соочуваат со недостиг на обучени полициски службеници со соодветни дозволи за управување на пловни објекти, како и немање на договор со економски оператор за сервисирање на пловните објекти.
„Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Свети Наум покрај тековните активности во летниот период врши проверки и на езерскиот сообраќај преку отворање на привремен граничен премин за туристички посети. Се соочуваат со недостаток на човечки ресурси, а ја истакнаа и потребата од подобра едукација и обука на кадрите кои се распоредуваат во организациските единици кои се дел од граничната полиција.“, подвлече Тошковски.