Македонија полицијата ќе обезбеди проток во сообраќајот

Тошковски се извини на велешани за затворањето на мостот во Башино село за реконструкција

Тошковски се извини на велешани за затворањето на мостот во Башино село за реконструкција

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, заедно со премиерот на Владата Христијан Мицковски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски, градоначалникот на Велес Марко Колев и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски беа на увид на состојбата на мостот кај Башино село. Целта на посетата беше да се координира брза реакција на институциите по добиениот извештај од Градежниот факултет до Јавното претпријатие за државни патишта дека мостот кај Башино село е во многу лоша состојба заради што се забранува секаков сообраќај за лесни и тешки товарни возила.

Министерот Тошковски упати извинување на граѓаните на Велес кои ќе мора да бидат трпеливи за надминување на оваа состојба бидејќи за жал претходната централна власт до која е апелирано уште во 2018 година за проект за санација на овој мост оставила штетата толку да се зголеми што сега има неминовност од затворање на мостот на неколку месеци, се до негова конечна санација.

„Министерството за внатрешни работи во моментот преку специјалните единици учествува во подводни снимања на мостот со што ќе овозможи видео материјал на Градежниот факултет за да направи брз проект за санација и пуштање во употреба на мостот за сообраќај што се очекува да заврши за 60 до 90 дена. Во меѓувреме сообраќајот кој нема да се одвива преку овој мост ќе биде пренасочуван преку Велес, а полицијата постојано ќе го регулира сообраќајот со посебни режими со цел да не се наруши текот на сообраќајот и да нема застои во движењето на возила низ градот Велес.
Ги повикувам граѓаните на Велес и сите граѓани кои ќе имаат потреба да сообраќајот во овој регион да ги почитуваат насоките на полициските службеници кои ќе учествуваат во регулацијата на сообраќајот. Во меѓувреме паралелно на проектот за санација на овој мост кој треба да заврши за 60 до 90 дена се планира проект на нов мост во близината на истиот, чија изградба треба да почне во втората половина на годината после завршувањето на тендерските постапки и избор на изведувач.“, потенцираше министерот Тошковски за време на увидот.

To top