Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески, денеска (23.07.2024) извршија увид во градбата на новата Полициска станица од општа надлежност Аеродром.
Градбата на новата Полициска станица беше започната минатата година во јули со план за завршување за 30 месеци од денот на воведување во работа на економските оператори изведувач и надзор. Констатирано беше на лице место дека изградбата на станицата е во планираната динамика и граѓаните во општина Аеродром во планираниот рок ќе добијат нова и модерна полициска станица во која полициските службеници ќе ги извршуваат своите обврски а граѓаните ќе ги добиваат очекуваните услуги.
„На предлог на градоначалникот на општина Аеродром Дејан Митески во Полициската станица да предвидиме простории за управни служби, дадов уверување дека ќе направиме сериозни напори тоа да биде остварено, за граѓаните да не мора да одат во МТВ за некоја од услугите на управните служби како вадење на лични документи, возачки дозволи и други услуги важни за нив. Зголемувањето на брзината, квалитетот и достапноста на услугите кои ги нудат управни служби е еден од приоритетите на ова раководство на МВР бидејќи граѓаните секогаш треба навремено и квалитетно да ја добиваа услугата од својата држава која постои за нив“, потенцираше министерот Тошковски.