Македонија избори

Техничката влада кочница за изборен поткуп

По утврдувањето на датумот за организирање на парламентарни избори, кои ќе се одржат на 8-ми мај 2024 година заедно со вториот круг на претседателските избори, преодната или техничка влада треба да се гласа на 28-ми јануари.

Техничката влада кочница за изборен поткуп

По утврдувањето на датумот за организирање на парламентарни избори, кои ќе се одржат на 8-ми мај 2024 година заедно со вториот круг на претседателските избори, преодната или техничка влада треба да се гласа на 28-ми јануари.

Според ситуацијата ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија треба да одреди кои нејзини кадри ќе бидат министри и заменици министри во определените министерства.

Односно од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат министри во министерството за внатрешни работи и министерството за труд и социјална политика, а власта да предложи дополнително заменици министри во овие министерства. Од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат дополнителен заменик-министер во министерството за финансии, во министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство и во министерството за информатичко општество и администрација.

Исто така на Димитар Ковачевски законска обврска согласно Законот за Влада и Законот за избори е на 100 дена пред одржување на изборите да си поднесе оставка. И тогаш да настапи техничкиот премиер, кој според објавените информации ќе биде Талат Џафери како предлог на ДУИ.

Согласно аналитичарите и одредени политичари потребно е ВМРО-ДПМНЕ да учествува во техничката влада со цел да се спречи изборниот поткуп и малверзациите кои што ќе бидат присутни од страна на власта.

Имено според пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски вчера во своето гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија како свој став го произнесе мислењето дека треба ВМРО-ДПМНЕ да учествува во техничката Влада со цел ДУИ и СДСМ што поефикасно да бидат развластени.

„И не само да има прифаќање на изборниот процес. Гледаме дека власта работи нетранспарентно, до денес како јавност ги немаме сите документи за „Беса Транс“ за кој беше посочувано дека МВР чувале документи во фиока, ги немаме сите документи за „Бехтел и Енка“ кои ги чуваат како државна тајна, не знаеме колку одлуки има донесено Груби за државата да ја претвори во територија на казино на ДУИ и неговите пријатели“, изјави вчера Антонијо Милошоски во своето гостување на Сител телевизија.

Милошоски смета дека доколку партијата донесе одлука да биде дел од техничката влада министрите кои ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат поголеми шанси да ја направат владата потранспарентна и да можат да попречат незаконитости кои планираат да ги прават СДСМ и ДУИ.

Истиот став го дели и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски кој што вчера во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 рече – „Нашите можности се отворени да влеземе или не во таа влада, но очекувањата се да партиципираме, бидејќи ако гледаме наназад гледаме дека корупцијата, криминалот и можноста за поткуп, како и сомнежот што ќе се фрли во изборниот процес е голем за да не учествуваме“.

„Во ВМРО-ДПМНЕ секогаш ги консултираме сите структури, сите тела за да може да изградиме заеднички став и тој да го пренесеме на нашите членови и јавноста. Ќе се направат сериозни анализи дали ќе се учествува или не во техничката влада. Верувам дека ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните и изборниот процес и ќе донесе добро на Македонија. Корупцијата, криминалот и се она што изминатиов период се случуваше треба да не остави будни да не ги оставиме некои позиции кои се нудат и да ја искористиме можноста“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Во интервју за „360 степени“ пред неколку дена, претседателот на државата, Стево Пендаровски на прашањето за неговиот став за иницијативата за укинување на т.н. „пржинска влада“, која според закон, се избира сто дена пред парламентарните избори, рече дека има потреба од техничка влада се додека не се дојде до ниво на политичка култура во која поразот ќе се признае вечерта, а тоа, како што наведе, ќе се базира на веродостојни факти од теренот кои кажуваат дека стварно си победил.

„Подобро да има и такво функционирање во делови и нефункционирање временски на техничката влада отколку да бидете на страна и да речете „нема кој да ги сопре, нема никаква кочница во таа влада“. Тогаш, влези внатре, макар еден од сто случаи ако го спречиш во таа насока, е добро и за тебе добро и за македонската демократија“, изјави претседателот на државата.

Аналитичарот Петар Арсовски во изјава за „Гласот на Америка“ изјави дека промената на тој концепт на техничка влада не треба да се случи преку ноќ.

„Туку треба да има некаква предвидливост. Така што за овие избори ќе биде тешко да се укине техничката Влада, евентуално можно е тоа да се случи за наредните избори, затоа што политичките актери треба да имаат предвидливо поле за игра пред изборите“, додава аналитичарот Арсовски.

To top