„Идната година секако ќе има избори, меѓутоа тоа ќе бидат локални избори, ако имаме поширок консензус и се заинтересирани за парламентарни, тука сме да зборуваме за тоа“.
Ова го изјави министерот за здравство, Арбен Таравари, на прес-конференција, како одговор на прашање дали идната година треба да се одржат предвремени парламентарни избори според предлогот на лидерот на опозициската партија ДУИ, Али Ахмети.
– Пред шест месеци завршија изборите. Но, повеќе би му препорачал да се фокусира на реформи во партијата и на адаптација во опозиција, одошто повторно да бара избори, бидејќи ако повторно се одржат избори идната година, во 2026 година повторно ќе бара избори… Но, првин да ги реализираме проектите што ги ветивме како влада, дел веќе се реализираат, а тој да се адаптира и да се реформира – изјави Таравари.