Уставениот суд одлучи да не поведе постапка за ДУП-от во Ѓорче Петров. На денешната седница, Уставен одлучи не ги прифати наводните на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска бидејќи донесената Одлука е согласно закон.
Арсовска пред Уставниот суд се обиде да ја оспори одлуката за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров, наведувајќи дека е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото.
Во изјава за Курир градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, вели дека ја поздравува донесената одлука на Уставниот суд.
-Со оваа одлука Уставниот суд докажа дека градоначалникот и советот на Општината носат одлуки кои се во согласност во сите законски пропишани решенија. Се покажа дека работиме на правилната страна, на страната и интересот на граѓаните. Ова е голема победа за жителите на нашата општина, победа која ќе значи можност за развој. Победа која за граѓаните ќе донесе уште повеќе проекти, меѓу кои градинка и нова инфраструктура, вели Стојкоски за Курир.
Тој се осврна и на Арсовска.
-Не успеаја обидите на Арсовска да го спречи развојот на нашата општина, да ги спречи проектите кои се наменети за граѓаните. Арсовска со ваквиот потег покажа немоќ и злоба, но и основно непознавање на законите, дециден е Стојкоски.
Градоначалникот најавува дека и во иднина продолжуваат да работат во интерес и за потребите на граѓаните.
Уставниот суд одлучи да не поведе постапка
На 11. седница одржана денеска Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставност и законитост на Одлуката за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје од 17.02.2024 година.
Судот не ги прифати наводите на подносителката на иницијативата Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје од причина што не најде повреда на законитоста и уставноста на постапката за донесување на оспорената Одлука за ДУП. Не се докажа дека со Одлуката е направена повреда на Статутот на Општина Ѓорче Петров, на Законот за локална самоуправа, на Законот за Град Скопје, на Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на членот 52 од Уставот.