Комисија за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија. Донесени важни одлуки за безбедноста на Македонија, објави пратеникот Бојан Стојаноски.
Комисијата за одбрана и безбедност на Дваесет и деветата седница одржана денеска, како матично работно тело ја разгледа Предлог – одлуката за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Либан.
На седницата во својство на претставник на Владата присуствуваше Владо Мисајловски, министер за одбрана. Во своето обраќање министерот ја образложи потребата од усвојување на Предлог-одлуката и истакна дека со истата предвидено е испраќање на двајца штабни офицери на Армијата во мисијата УНИФИЛ во Либан за период од шест месеци (феруари-август 2026г).
На седницата беше разгледана и Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти.
Мисајловски посочи дека со истата предвидено продолжување на рокот на предметната кризна состојба за една година, односно до 31 декември 2026 година, а со цел да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите од страна на силите на Армијата и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, во функција на обезбедување, заштита и
чување на државната граница.
Комисијата за одбрана и безбедност, Предлог – одлуките ги проследи на натамошна постапка во Собранието.