Македонија договорени 17 инвестиции во ТИРЗ зоните

Стојаноски: 18.000 нови работни места во последните шест квартали, економијата се движи во позитивна насока

Во изминатите шест квартали во Република Македонија се отворени околу 18.000 нови работни места, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, повикувајќи се на официјални податоци од Државниот завод за статистика.

Стојаноски: 18.000 нови работни места во последните шест квартали, економијата се движи во позитивна насока

Во изминатите шест квартали во Република Македонија се отворени околу 18.000 нови работни места, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, повикувајќи се на официјални податоци од Државниот завод за статистика.

Според него, бројот на вработени во земјата се зголемил од околу 691 илјади на над 709 илјади граѓани кои се во работен однос.

„Ова е јасен показател дека економските политики даваат резултат и дека економскиот раст се претвора во реални можности за работа и подобар стандард за граѓаните“, рече Стојаноски.

Тој посочи дека позитивните трендови се резултат и на инвестициите што се реализираат во државата, особено во индустријата, инфраструктурата и технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), како и на владините политики за поддршка на стопанството, вклучително и преку меки кредити и планот за економски раст.

Стојаноски информираше дека во моментов има договорени 17 инвестиции во ТИРЗ зоните, кои во наредниот период треба да донесат околу 5.000 нови работни места.

„Тоа значи дека трендот на отворање нови работни места ќе продолжи и во наредниот период“, рече тој.

Паралелно со растот на вработеноста, како што посочи, се намалува и невработеноста. Според последните податоци, стапката на невработеност изнесува 11,4 проценти.

„Со други зборови, имаме повеќе луѓе кои работат, повеќе инвестиции во економијата и постепено намалување на невработеноста“, изјави Стојаноски.

Тој нагласи дека целта останува продолжување на политики кои ќе носат нови инвестиции, отворање работни места и создавање стабилна економија.

„Ќе продолжиме со поддршка на стопанството, со нови инвестиции и со мерки кои ќе придонесат за уште поголема вработеност и економски раст“, истакна Стојаноски.

To top