Денес градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со премиерот на Република Македонија проф.д-р Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, извршија увид во градежните активности за доградба на ООУ „Невена Георгиева – Дуња“. Проектот за доградба на училиштето во моментов се наоѓа во активна фаза на реализација и претставува значајна инвестиција насочена кон подобрување на условите за настава и одговор на зголемениот број ученици.

Доградбата се реализира со поддршка од Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука, преку вториот повик од програмата за финансирање на капитални инвестиции во општините, а со проектот се предвидува проширување на училиштето за околу 560 квадратни метри, со изградба на шест нови училници, нови санитарни јазли и значително подобрување на функционалните услови за изведување на наставата.

– Задоволство е секогаш кога ќе правиме увид на ваков тип на проекти како што е овој. Доградба на училиште, за најмладите, за учениците тоа е дел од суштината на политиките кои што ги води оваа Влада и добро е што десетици вакви проекти, а заедно со градинките, се и стотици вакви проекти кои што се градат низ цела држава. Јас сум навистина задоволен што гледам дека сите тие напредуваат. Со градоначалничката разговаравме дека со почетокот на новата учебна година оваа доградба од околу 560м2 треба да е готова и да биде ставена во функција. Со сите овие градежни активности, со сите овие капитални инвестиции ние практично го решаваме оној акутен проблем со простор за учениците онаму каде што е потребен. Би сакал да и честитам на градоначалничката, на министерката, на пратениците, на советот, на администрацијата во Општина Кисела Вода, на сите оние кои имаат своја додадена вредност за реализацијата на овој проект. Посакувам уште многу вакви објекти да се реализираат во иднина, Тоа е суштината. Да го градиме она кое го очекуваат граѓаните и да ги испорачуваме ветувањата кои сме ги дале-истакна Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

– На мое особено задоволство, денес сме во ООУ „Невена Георгиева – Дуња“, каде што во моментов активно се реализира проектот за доградба на училишниот објект. Ова е инвестиција насочена кон подобрување на условите за настава и одговор на зголемениот број ученици во ова училиште. Имено, во моментов тука настава посетуваат 705 ученици, бројка што е зголемена за 150 ученици во овие три години.
Паралелно, со Владината поддршка, и ние, како општина, вложуваме и во одржливи и долгорочни решенија. Поставивме фотоволтаици во ова, и во сите други училишта, а за сите училници и за училишната спортска сала обезбедивме пречистувачи на воздух, со цел поздрава и побезбедна средина за учениците.
Сакам да упатам искрена благодарност до Премиерот д-р Христијан Мицкоски, до Владата на Република Македонија и до министерката Весна Јаневска за поддршката и партнерскиот однос. Кога локалната и централната власт работат усогласено, резултатите се конкретни, видливи и, што е најважно, директно насочени кон добробитта на децата и учениците. Ова е уште еден таков пример- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

– Образовната инфраструктура во општината забрзано расте, благодарејки на посветеноста на Општина Кисела Вода со Владата на Република Македонија. Во овој момент имаме неколку активни проекти. Едниот го гледате денес, а имаме активни проекти за реконструкција на две спортски сали и изградба на нова спортска сала. Дополнително во неколку училишта набрзо ќе преземеме активности за воведување на едносменска настава со доградба на по неколку училници. Оттука сметам дека ова е општина за пример и дека и другите ќе се приклучат со истото темпо за да можеме да обезбедиме подобар квалитет во образовниот процес-изјави министерката за образование Весна Јаневска.
