Македонија ВМРО-ДПМНЕ

Спасовски вршел притисок врз обвинителите во СЈО за кои луѓе да се гонат, Катица Јанева работела по наредба на Заев

Во денешното соопштение владејачката партија обвинува за политичко влијание врз работата на СЈО

Спасовски вршел притисок врз обвинителите во СЈО за кои луѓе да се гонат, Катица Јанева работела по наредба на Заев

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение изнесе сериозни обвинувања за наводно политичко влијание врз работата на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Од партијата тврдат дека СДСМ, заедно со тогашниот лидер Зоран Заев и поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, преку поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, имале контрола врз тоа кои предмети ќе бидат отворени, кои обвинители ќе ги водат и кои лица ќе бидат опфатени со истрагите.

Според наводите во соопштението, обвинители како Ленче Ристоска, Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи и Лиле Стефановска ги работеле предметите, додека Јанева имала координирачка улога. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СЈО работело под директна насока на тогашното раководство на СДСМ.

Во соопштението се наведува и дека советник на Спасовски, за време на техничката влада пред околу десет години, наводно во просториите на СЈО побарал проширување на опфатот на лица во одреден предмет. Според тврдењата на партијата, обвинителката Лејла Кадриу одбила да постапи по такво барање, по што подоцна била отстранета од функцијата.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува и дека кривични пријави биле незаконски пренесувани од редовното Јавно обвинителство во СЈО, како и дека постоеле координирани врски меѓу обвинителството и судството за прифаќање предмети по политичка насока. Дополнително, партијата тврди дека судии кои не соработувале биле изложени на притисоци.

Во однос на прислушуваните разговори, познати во јавноста како „бомбите“, од партијата посочуваат дека тие првично не можеле да бидат доказ, но со одлука на апелационен судија биле прифатени во судски постапки.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека работата на СЈО претставува, како што наведуваат, „најголем срам за правосудниот систем“ и повикуваат Јавното обвинителство да го испита целиот случај и да утврди евентуална одговорност кај сите инволвирани.

To top