Македонија Штрајк

Синдикатот на УПОЗ на протест пред Влада: Наместо изнаоѓање решение, Владата ги игнорира нашите барања

Вработените од судската и јавнообвинителската служба од 27 септември штрајкуваат барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица. 

Синдикатот на УПОЗ на протест пред Влада: Наместо изнаоѓање решение, Владата ги игнорира нашите барања

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) повторно го изрази своето незадоволство поради неисполнувањето на барањата за вработените во судската и јавнообвинителстската служба. По две одржани средби со Владата и неколкудневното мирување на штрајкот, тие денеска со двочасовен протест пред Влада порачаа дека вработените ќе продолжат со штрајкот, бидејќи како што велат, наместо изнаоѓање решение, Владата продолжува да ги игнорира нивните барања.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, соопшти дека вработените во скопските Обвинителства ќе излегуваат на протест пред Влада и Собрание секој ден, а на крајот на неделата, Деаноски вели Синдикатот на УПОЗ ќе организира протест пред Собрание, каде што ќе бидат повикани пратениците, како и вработените во судовите, обвинителствата, државната управа и државните органи.

Во меѓувреме, Деаноски вели Владата го усвои Буџетот за 2024 година, во кој по сѐ изгледа не се предвидува покачување на платата за вработените во Обвинителството и ги повика сите синдикати да земат учество за заедно да го покажат незадоволството од предвидениот буџет за идната година.

-Министерството за финансии и покрај обврската од колективниот договор, не нѐ повика да учествуваме во изготвувањето на буџетот, а и покрај ветувањето на министерот за финансии дека буџетот ќе се разгледува на економски-социјалниот совет, тоа не се направи, туку Владата скришно го донесе буџетот. Не знам дали претставниците на Владата се свесни дека тие се на функции, бидејќи некој гласал за нив. Не знам дали знаат дека имаат обврска да преговараат со синдикатите за барањата на вработените, а не да се кријат и да не игнорираат и да покажуваат ароганција, рече претседателот на Синдикатот на Упоз.

Деаноски изрази верување дека пратениците ќе го слушнат нивниот глас. Тој вели со амандмани кои ќе ги поднесат во Собранието на РСМ, ќе се обидат да го добијат она што го бараат.

-Пробавме на секој можен начин на наша иницијатива да продолжиме со преговорите. Пишувавме пораки, мејлови и се јавувавме на сите телефони што ги знаеме, меѓутоа од таа страна имаме само молк. Денеска упативме барање лично до него преку електронска пошта и лично до архивата за да не прими додека трае протестот и да ни каже зошто не ги прифаќа барањата, дали ќе ни даде било каква понуда од страна на Владата и зошто не сака продолжи со преговорите. До овој момент немаме никаков одговор, а мислам дека и никој нема да не прими од страна на Владата, рече Деаноски на денешниот протест пред Влада.

Вработените од судската и јавнообвинителската служба од 27 септември штрајкуваат барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица.  (МИА)

To top