Македонија АА

Што се случува во Алијанса за Албанците? Партијата бара Џафери да ги разреши министрите од нивните редови!

Во сабота во 13 часот во Скопје е закажано Централно собрание на Алијанса за Албанците

Што се случува во Алијанса за Албанците? Партијата бара Џафери да ги разреши министрите од нивните редови!

Кадровската комисија на Алијансата за Албанците попладнево одлучила да му предложи на техничкиот премиер Талат Џафери разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за здравство Фатмир Меџити.

-Кадровската комисија на Алијансата за Албанците, составена од 7 члена, како единствен орган на АА за кадровски прашања, со мнозинство од 5 гласа, одлучи да му предложи на премиерот разрешување на министерот за информатичко општество и администрација и министерот за здравство, информираат од партиската прес-служба.

Оваа одлука, се посочува во партиското соопштение, е донесена затоа што преку моќта на министерската функција, но без партиска позиција, двајцата министри спроведуваат дејствија кои, како што велат, се во спротивност со етичкиот кодекс, вклучително и уцени и притисоци врз членовите на АА и вработените, како и денешното јавно “кокетирање“ со ВМРО-ДПМНЕ, посетувајќи го нејзиниот министер.

Во текот на денот, министерот за здравство Фатмир Меџити на прашањето дали ќе го извести претседателот на техничката Влада Талат Џафери дали се чуствува како дел од Владата или не изјави дека тој нема потреба да одговара никому освен на неговата партија и нејзиниот претседател. Тој додаде и дека му дава целосна поддршка на, како што кажа, легитимниот претседател на партијата Арбен Таравари, кој најави дека на изборите партијата ќе коалицира со опозициските партии.

Џафери во интервју за МИА изјави дека ја следи ситуацијата во АА, која има тројца министри во владиниот состав, и дека ќе постапи согласно неговите надлежности. Тој вели дека нема да се раководи од Фејсбук статуси, туку дека членовите на Владата од оваа партија ќе треба официјално по институционална линија да се изјаснат во ситуација кога имаат спротиставени ставови дали имаат чувство на припадност на овој состав или не.

-Во принцип знаете многу одамна сум кажал не сум политичар од Фејсбук, сходно на тоа не сум премиер кој се раководи со изјави по Фејсбук или на партиски активности. Јас сум премиер на оваа Влада и соодветно ќе треба да се изјаснат, официјално, членовите на Владата во ситуација кога имаат спротивставени ставови, да се изјаснат по институционална линија дали имаат чувство на припадност на овој состав или не. Не можам да се раководам по она што се случува по телевизии и по конференции партиски, изјави Џафери во интервјуто за МИА.

Вели дека има воспоставено и лична комуникација со министрите и со замениците и дека тие можат секогаш да го побараат, но нагласува дека тој ќе се раководи од институционалната постапка и соодветно на тоа ќе одлучи каков ќе биде исходот.

Во сабота во 13 часот во Скопје е закажано Централно собрание на Алијанса за Албанците. Одржувањето на Централното собрание доаѓа откако претседателот на АА, Арбен Таравари најави дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе се приклучи кон албанската опозиција. Таравари доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити, а му се спротивставија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути. Тие го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.  (МИА)

Најнови вести од Македонија

To top