Македонија За должностите

Серијал на Костов: За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија (2 дел)

Многу подоцна филозофот и етичар Имануел Кант изградил етика во чија основа е вршењето на должноста. Тој во своето дело “Критика на практичниот ум”, ја претставува должноста како единствен морален принцип, кој не бара ништо освен свое исполнување, а додава и обезбедува се. Според Кант, моралниот закон за човекот, е закон на должноста.

Серијал на Костов: За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија (2 дел)

Во одговорното извршување на должноста треба да се бара смислата на егзистенцијата. Тоа подразбира дека исполнувањето на должноста е најстрог морал. Значи: Пред се должноста! Ова е парафразирана мисла на најпознатиот римски филозов, беседник и државник Марк Тулиј Кикерон, кој го создал зборот морал. Тој го напишал делото “За должностите”, во кое се содржани највлијателните етички мисли во европската историја.

Токму тие мисли, до денешни денови, биле основа за воспитување и изградба на моралните правила на одговорните личности во општеството. Кикерон не учи дека секоја постапка на човекот треба да биде ослободена од лесномисленоста и од немарноста, и дека човекот не треба да направи ништо за што нема доволно оправдани причини.

Со овие мисли Кикерон ја дал дефиницијата на должноста, во чија основа ги ставил доследноста и умереноста. Тој истакнувал дека постојано треба да бидеме будни и да внимаваме да не направиме нешто непромислено, немарно или неумесно. Според него човекот е роден за сериозни работи и за поголеми остварувања. Сите треба да располагаат со разум кој луѓето ги издигнува над сите други живи суштества.

Според Кикерон тоа е изворот на сознанието за должноста од кој потекнуваат моралот и пристојноста. Од ваквата филозофија на должноста, произлегуваат правилата на доследното и чесното живеење во заедницата. Многу подоцна филозофот и етичар Имануел Кант изградил етика во чија основа е вршењето на должноста. Тој во своето дело “Критика на практичниот ум”, ја претставува должноста како единствен морален принцип, кој не бара ништо освен свое исполнување, а додава и обезбедува се. Според Кант, моралниот закон за човекот, е закон на должноста. Токму тој закон ги определува постапките на човекот во исполнувањето на неговата должност. Дали е така кај нас во Македонија? Пред да одговориме, да се потсетиме на Златните стихови од Питагора, со цел да ја видиме нивната актуелност и после десетици и десетици векови од нивното запишување.

 

Златни стихови

 

Размисли пред да почниш, да не направиш глупост –

На човекот му е својствено да работи и да зборува лудо.

Прави го само она што подоцна нема да те мачи!

Не прави го она што не го знаеш, туку само она што треба –

Така ќе можеш животот да го минеш во најголема среќа.

Не треба да го запоставуваш телесното здравје –

Но биди умерен во јадењето, пиењето и во вежбањето.

Мера го нарекувам она што нема да ти создаде мака.

Навикни се да живееш чист, кроток и доблесен живот!

Внимавај да не го правиш она што во човекот алчноста ја буди!

Немој без потреба да трошиш,

Ниту, пак, скржав биди –

Во се мерата е најдобра…

Не дозволувај сонот врз твоите нежни да се спушти очи –

Пред да направиш резиме на денот што изминал:

Каде ли згрешив? Што ли направив? Што ли пропуштив?

Почни од почетокот и потоа по ред тргни –

ако си направил зло, прекори се;

ако си направил добро, радувај се !

Во тоа вежбај се, тоа прави го и кон тоа стреми се:

Тоа ќе те доведе на патот на божествената добродетел

Питагора

 

Читајќи ги овие Златни стихови на Питагора, имајќи ја во предвид и мислата на голем ум од антиката(Кикерон), дека не треба да правиме непромислени, немарни и неумесни работи, и секако имајчи ја наум  поуката од најголемиот етичар на сите времиња(Кант), дека должноста е единствен морален принцип, кој не бара ништо друго, туку само да го исполниме, мислам дека ја добиваме моралната траекторија на нашиот живот. Во заедницата постоиме според морални норми и принципи, а дејствуваме и егзистираме преку исполнување на стандардите и правилата содржани во нив.

 

(продолжува)

 

Сотир Костов

Најнови вести од Македонија

To top