Македонија Измените на Изборниот законик утре пред пратениците

Се предлага на изборите да гласаат и граѓаните чии документи истекле во последните девет месеци

Се предлага на изборите да гласаат и граѓаните чии документи истекле во последните девет месеци

Предлог законски измени на Изборниот законик, по скратена постапка, со кој, освен имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР се врши и допрецизирање на одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата круга, ќе се најде утре на собраниска седница.

Со преодната одредба од овој предлог се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 (девет) месеци до денот на одржување на изборите.

На собраниската веб-страница, за утре е закажана 147. седница на Собранието, на чиј дневен ред се две точки – Предлог на закон за дополнување на Законот за високото образование и Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, и двете по скратена постапка.

Предлог изменување и дополнување на Изборниот законик се поднесени од пратениците Арбер Адеми (ДУИ), Мартин Костовски (СДСМ) и Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ).

Во предлог текстот, се вели дека предложеното законско решение е во насока на подобрување на изборниот процес и обезбедување на еднакво, демократско и слободно избирачко право.

-Преку предложените законски измени се имплементираат препораките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР нотирани во конечните извештаи за изборите во државата во изминативе години и тоа препораки во делот на законската рамка, постапката на приговор и жалбената постапка за заштита на избирачкото право, набљудувањето на изборите регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансисрањето на капањата, медиумско преставување во изборниот процес. Овие препораки и нивното имплементирање се со цел да подобри спроведувањето на изборите во државата и да се поддржат напорите за нивно целосно усогласување со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, стои во предлог текстот.

Со предлогот на законот се воведува Центар за континуирана едукација во Државна изборна комисија со која се обезбедува континуирана обука за изборната администрација, гласачите, учесниците во изборниот процес, овластените претставници на подносителите на листи, медиумите, набљудувачите на изборите и сите заинтересирани кои на било каков начин имаат учество во изборите.

Понатаму, измените се во насока на подобро функционирање на изборната администрација односно редовно ажурирање на базата на податоци на државните и јавните службеници што се користи за селекција на изборните службеници, со цел да се обезбеди непречен и ефикасен процес на селекција.

Се дорегулираат и допрецизираат одредбите во однос на финансирањето на изборите и доставувањето и објавувањето на извештаите за примени донации на тансакциската сметка за изборна кампања. Со предлог законот се предлага да се одреди јасна временска рамка за одржување на повторените избори во случаите кога условот за излезност не е исполнет во првиот круг од изборите за градоначалник, се со цел да се намали ризикот од неуспешни избори.

– Измените предвидени во ова законско решение го уредуваат рокот за одлучување на Управниот суд во случај на поднесена тужба за заштита на избирачкото право на подносителите на листи и на избирачите. Со преодната одредба од овој предлог се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 (девет) месеци до денот на одржување на изборите, се вели во предлог текстот.

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top