Град Скопје се огласи откако денеска на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, камион со скопски регистарски таблички удри во семафор, а пешак беше повреден.
Од Градот информираат дека надлежните служби веднаш излегле на терен и работат на санација на настанатата штета и на нормализирање на сообраќајот.
-Екипите се ангажирани на отстранување на оштетената сообраќајна сигнализација и на враќање на локацијата во првобитна состојба, со цел што побрзо да се воспостави безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Ја информираме јавноста дека трошоците за санација и повторно поставување на сообраќајната сигнализација ќе бидат фактурирани на товар на причинителот на штетата, согласно важечките прописи, се вели во објавата од Град Скопје.
Министерството за внатрешни работи е на терен, а увидот за утврдување на околностите под кои се случил настанот е во тек.
Од Град Скопје апелираат до возачите за трпение и внимателно движење додека целосно не се расчисти коловозот и сообраќајот не се нормализира.