Македонија ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката Лидија Петкоска побара истрага од Обвинителството и оставка од Слободан Трендафилов

ВМРО-ДПМНЕ со силна поддршка за Дафина Стојаноска и обвинувања за мизогинија и злоупотреба на службено возило

Пратеничката Лидија Петкоска побара истрага од Обвинителството и оставка од Слободан Трендафилов

Пратеничката Лидија Петкоска на денешната прес-конференција во име на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, собраниската Комисија за еднакви можности и Унијата на жени на партијата изрази силна поддршка за пратеничката Дафина Стојаноска, оценувајќи дека таа е мета на „директен атак, обид за замолчување и брутален притисок врз жена во политиката“.

Петкоска го обвини претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, за мизогинија и обид за дискредитација, откако Стојаноска јавно поставила прашања за наводна злоупотреба на службено возило. Според неа, наместо да одговори за сопствените постапки, Трендафилов се обидел да го пренасочи вниманието и да изврши притисок врз пратеничката.

Таа упати повик до домашните и меѓународните организации за заштита на правата на жените, до невладиниот сектор и до Народниот правобранител да реагираат, оценувајќи дека молкот пред вакви напади охрабрува понатамошни притисоци врз жени во јавниот живот.

Во однос на обвинувањата дека во случајот се инволвирани неговите деца, Петкоска истакна дека „никому не му се напаѓаат децата“ и дека на јавно достапните снимки идентитетот на лицата бил заштитен. Таа тврдеше дека прашањето се однесува исклучиво на тоа дали службено возило на ССМ било користено за приватни цели.

ВМРО-ДПМНЕ побара од Јавното обвинителство да отвори истрага, како и Трендафилов да одговори на неколку прашања: колку пати службеното возило било користено за приватни цели, колку гориво е потрошено и дали имало други злоупотреби на функцијата.

На крајот, Петкоска побара оставка од Трендафилов, оценувајќи дека неговото однесување е „нелегитимно“ и спротивно на интересите на работниците.

Најнови вести од Македонија

To top