Поранешниот амбасадор на Македонија во Будимпешта и во Атина, Дарко Ангелов, се огласи со критики до МВР и министерот Оливер Спасовски.
Тој сега е вработен во ОБСЕ, а во Македонија не може да си извади пасош,
Бил сведок на огромните гужви на пунктот каде граѓаните се сликаат за лични документи и вели дека ова се случува во главниот град на “земја која претендира дека е Европа, а не е достојна ни за Африка“!
Неговиот Фејсбук статус, прочитајте го во продолжение:
Празнична голгота, кога дното нема дно! Од медиуми знаев дека е тотален хаос, но човек треба да искуси за да види колкав е колапсот на тоа што претендира се’ уште да е држава. Јас и најблиските, поради мојата професија живееме во странство, а и често патуваме. Затоа и неизбежно беше престојот дома да го искористиме за замена на пасошите, како што ни наложија властите без наша согласност.
И што не пречека: пункт на МВР во МТВ, оддел за подигање на документи: огромна гужва, 2/3 пензионери, стојат со часови, залепени еден до друг, сите молчат бидејќи некој од МВР им се заканил дека ако вреват, сите ќе ги избркал…надвор се стемнува, во просторијата мрак, влага, ѓубре, нема вентилација, нема столчиња, а малкуте искршени…конечно после четири часа чекање, вратата се отвара, стампедо од очајни луѓе влетуваат…внатре не пречекуваат полураспаднати шалтери и еден исклучително нељубезен и агресивен униформиран припадник на МВР кој постојано викаше и се закануваше на мачениците кои чекаат дека ако зборнат и малку ќе ги избркал…се редат луѓе, на половина од нив им кажуваат дека џабе чекале со часови бидејќи документите не им се готови, понекогаш и по недели и месеци откако поднеле апликација за промена…од друга страна на шалтерот, хаос, по земја расфрлени документи, нема ни доволно полици…вработените нервозни и агресивни…влетуваат други вработени, на нешто што личи ко носилка носат нови пасоши, се’ се расфрла наоколу…а од страна се носат преку ред ‘познати фаци’ и функционери кои веднаш завршуваат работа…а за нас останатите, нема минимум систем, никаков концепт…хаос кој зборови не можат да го доловат…а мојата состојба, ко илустрација за маките на сите останати: мојот пасош бил одобрен, но не е отпечатен, тој на сопругата не знаат каде е, а на синот е отпечатен, но не е донесен…сите тројца поднесовме апликации во ист ден, ист час…апсурдистан без срам!
Беше жално и траорно да се гледа оваа голгота, луѓе очигледно болни и изнемоштени кои по неколку дена чекаат со часови, само за таму некој службеник да им вика и да ги понижува…се’ ова, сред главниот град на земја која претендира дека е Европа, а не е достојна ни за Африка! На овој голем ден, останува да кажам, господ да ни е напомош, иако и тој мислам веќе не може да ни помогне! Честит Бадник! Арам да ви е!