Премиерот Христијан Мицкоски и’ посочува на јавноста дека целта на ДУИ, која од викендов „демек“ организира т.н. „стража на јазикот“ пред заградата на Уставниот суд, е да на нивното политичко конто ги преземат заслугите кога утре нема ништо да се случи на седницата, на која ќе се расправа за Законот за употреба на јазиците.
„На овие од Демократската унија за интеграција многу им е јасно како функционира Уставниот суд, бидејќи тие ги избираа судиите таму. Во детали ги избираа судиите, и буквално таму не можеше никој да биде уставен судија или било каков судија, а да не помине филтер низ овие структури во рамките на Демократската унија за интеграција. Тие точно знаат дека за да дојдеме до конечно решение, какво и да е не е важно, најпрвин имаме тој којшто е за овој случај надлежен случај да го репортира да им објасни на своите колеги, па јавна дискусија, па јавна расправа, па подготвителна седница, така што тоа е процес кој ќе трае со месеци, а можеби и со години“, рече денеска премиерот, одговарајќи на новинарското прашање.
„Не функционираат така работите, а на нив им е јасно како функционираат работите. Затоа ги молам уште еднаш нашите сограѓани Албанци, Македонци, сите, да бидат смирени, целата работа е под контрола, се е под контрола, да не дозволиме да наседнуваме на провокациите на овие луѓе. Тие луѓе завршија на 8 мај, беа поразени, имаме нова влада која знае точно што прави и кои чекори ги презема. Тоа сакам да го испратам како порака“, рече Мицкоски.