„Синдикатот одби 40% зголемување на платите во рок од 2 години, нешто коешто беше понудено од Владата, нешто коешто го изјави јавно и премиерот. Зошто? Затоа што нивната борба не е за повисоки плати, нивната борба е да наштетат на Владата. И тоа граѓаните мора да го знаат. Ова раководство на Сојузот на синдикатите на Македонија, не се бори за поголеми плати на работниците, туку напротив, игра политичка улога под палката на СДС за да и наштети на Владата“, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
Пратеникот Петрушевски посочи дека ССМ не го поздравил досега ниту еднаш колективниот договор во образованието и здравството, ниту пак ги поздравија зголемените плати во МВР, Министерство за одбрана и во центрите за социјална работа и нагласи дека протестот којшто се одржа од страна на ССМ не е затоа што нивен приоритет се работниците, работничките права и работничките плати, туку дека нивен приоритет е политиката.
„Владата е медијатор, го има оформено Економско-социјален совет, разговара со синдикатите, разговара со работодавачите, меѓутоа конечниот договор, согласно закон, согласно досега воспоставена пракса мора да биде постигната помеѓу работодавачите и синдикатите. Меѓутоа, ССМ кој што денес протестира, наместо да преговара, наместо да разговара со работодавачите, наместо да ги пофали оние зголемувања на плати коишто досега се постигнати во здравство, образование итн., и да си ја работи работата за којашто всушност постои, ССМ водат политика и прават неосновани протести, претходно одбивајќи 40% зголемување на платите“, дециден е Петрушевски.