Во рамки на теренските посети по општините „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински и неговиот заменик, Ерџан Селими, денеска одржаа средба со граѓаните, претставници на бизнис и невладиниот сектор од општина Гази Баба.
Дискутираа на повеќе теми, разменија мислења, предлози и идеи за подобрување на квалитетот на секојдневието на сите граѓани во Гази Баба.
Дел од присутните ја искажаа потребата од фекална канализација во населбите во коишто живеат, а очекуваат и комплетно уредување на сервисните улици.
Министерот и градоначалникот Бобан Стефковски, информираа дека токму дел од овие проблеми наскоро ќе бидат надминати, благодарение на посветеноста и ажурноста на Општината за реализација на инфраструктурни проекти финансирани преку вториот владин јавен повик за финансиска поддршка на општините.
Министерот Перински ги охрабри граѓаните да продолжат да соработуваат, бидејќи токму заедно со нив, Општината и Владата, ќе се преземаат конкретни мерки за подобрување на сите аспекти од секојдневниот живот.
Тој изрази уверување дека со заедничка работа ќе се најдат долгорочни решенија кои ќе донесат вистински напредок и корист за сите граѓани на општината.
„Ме радува што граѓаните активно учествуваат во креирањето на решенијата за надминување на одредени проблеми, а даваат и идеи и предлози за поголем напредок и развој на сите сегменти од секојдневното живеење. Како и досега, ќе продолжиме заедно да работиме на надминување на сите предизвици со цел да обезбедиме поквалитетен живот за сите граѓани во Гази Баба, и на оние што живеат во урбаните и на оние во руралните населени места. За нас сите граѓани се исти, тоа го покажуваме со сите досегашни преземени активности, така ќе продолжиме и во иднина“, изјави министерот Перински по средбата.