Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес се сретна со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, каде што разговараа за проблемите на бизнисите, децентрализацијата и инвестиционата активност на општините.
-Денес бев домаќин на претседателот на стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, со кого разговаравме на повеќе теми, значајни за бизнисот и општините.
Стана збор за проблемите на бизнисите, децентрализацијата и инвестиционата активност на општините. Од претседателот бев информиран дека интересот на најголемата и најзначајна бизнис организација е да инвестиционата активност се пренесе низ целата држава, со што ќе се овозможи зголемен раст на бруто домашниот производ, како и остварување на целите од континуирано зголемување на растот, со што пак ќе овозможи поголем стандард за граѓаните и поголем профит за фирмите, истакна градоначалникот.
Стопанската комора на Македонија ќе ги поддржи сите интенции на Владата кои одат во правец на остварување на раст од 4%, градење на правна држава, како и владеење на принципите на пазарната економија.
-Го информирав претседателот за активностите на општината на тој план, и разменивме мислења за градење на имплементација на сите политики кои водат кон остварување на оваа суштинска цел – ослободување на сите невралгични точки за равој на бизнисот, создавање на поволна бизнис клима и изнаоѓање на решенија коишто ќе овозможат поддршка на сите бизниси кои остваруваат додатна вредност, водат сметка за заштита на еколошката средина и отвораат нови работни места, рече Ѓорѓиевски.