Македонија

ОЈО Скопје поднесе жалба на пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци

Предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Апелациониот суд Скопје изјави жалба против пресудата К.бр.1407/19 на Основниот кривичен суд Скопје во предметот за автобуската несреќа кај Ласкарци, информираат од ОЈО.

ОЈО Скопје поднесе жалба на пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци

Предметниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Апелациониот суд Скопје изјави жалба против пресудата К.бр.1407/19 на Основниот кривичен суд Скопје во предметот за автобуската несреќа кај Ласкарци, информираат од ОЈО.

Според јавниот обвинител, во овој случај, првостепениот суд донесе извонредно значајна пресуда битна за нашиот казнено-правен систем и покажа дека никој не може да ја дерогира и супституира судската улога во процесот на одлучувањето.

“Преку критичка оценка на доказите, поединечно и во нивното содејство, првостепениот суд не дозволи судската пресуда да зависи само од осамено и на ништо непоткрепено мислење на вештаци вклучени во супервештачењето, кои не успеаја да изградат јасен став за клучни прашања, а ја пролонгираа главната расправа повеќе од една година”, наведува јавниот обвинител Дарко Јакимовски, истакнувајќи ги доказите врз основа на кои Судот правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба и го применил Кривичниот законик кога нашол дека во дејствијата на сите обвинети се содржани сите битни елементи на кривичните дела за кои се огласени за виновни.

Меѓутоа, жалбата е поднесена поради одлуката за висината на кривичните санкции изречени за четворица од обвинетите.

Имено, Основниот кривичен суд Скопје, како првостепен кривичен суд, со пресудата од 26.12.2023 година, обвинетиот Д.Б. го огласи виновен за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.2 вв со чл.297 ст.2 од КЗ и го осуди на казна затвор во траење од 4 години, во која казна му е засметано и времето поминато во притвор и куќен притвор. Обвинетиот Р.М. судот го огласи виновен за истото кривично дело и го осуди на казна затвор во траење од 6 години, во кои му е засметано и времето поминато во притвор и куќен притвор. Обвинетите И.Ѓ., Г.Д. и Ј.Б. виновни за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.2 вв со чл.299 ст.1 вв со чл.22 од Кривичниот законик беа осудени на затворски казни во траење по пет години, во кои е засметано времето поминато во притвор и куќен притвор. Возачот М.Т., за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.2 вв со чл.297 ст.1 од КЗ, беше осуден на казна затвор во траење од 14 години, во кои се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор.

Според јавниот обвинител, во однос на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д., Судот погрешно ги ценел олеснувачките и отежнувачките околности, како и индивидуалната одговорност на обвинетите за случувањето на тешката сообраќајна несреќа, во која загинаа 16 лица, а уште 38 беа повредени.

“Животите на патниците кои се превезувале не само во предметниот автобус, туку и во другите автобуси и останатите учесници во јавниот сообраќај биле директно загрозени од начинот на кој обвинетите ги извршувале своите законски обврски”, истакнува јавниот обвинител во жалбата.

Тој потсетува дека во континуитет предметниот автобус бил прогласуван за технички исправен иако воопшто не бил прегледуван, а 16 дена по последниот наводно извршен технички преглед, превозникот “Дурмо турс” вршел јавен превоз на патници со тој автобус без да биде сообраќајно регистриран. Манипулација со брзината на движење и “штелување” на тахометрите, за да не се плаќаат казни не само на предметниот автобус, туку и на други автобуси, било исто така прифатено како правило.

Имајќи го предвид степенот на кривична одговорност и придонесот кој го имал секој од обвинетите во настапување на тешките последици, јавниот обвинител ја обжали пресудата.

За возачот М.Т. според надлежниот обвинител соодветна е високата затворска казна со оглед на неговата одговорност, но и непокажаното жалење за тешките последици во текот на судскиот процес. За обвинетиот Ј.Б. чиј придонес за несреќата бил најмал, јавниот обвинител оцени дека е доволна определената затворска казна. За останатите четворица, не е извршено санкционирање сразмерно со тежината на делото, јачината на загрозувањето на заштитните добра, како и степенот на кривична одговорност кај обвинетите чии пропусти доведоа до најтешките човечки загуби во патниот сообраќај на територијата на нашата држава.

Од тие причини, за овие обвинети, јавниот обвинител предлага Апелациониот суд во Скопје да ја преиначи првостепената пресудата и на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д да им изрече повисоки казни затвор и подолго времетраење на казните забрана за вршење професија, дејност или должност.

To top